петок, 21 февруари 2025
Рајко Пеколски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Кaко умре вистината

Повести за многупоучните бесрамно бесмислени и несомнено вистинити авантури на многунепочитуваниот даночен обврзник потрошувач гласач и дисциплиниран пушач Неговото граѓанско Височество - граѓанинот Шљупков и за тоа како тој виде посведочи и доживеа многу згоди и незгоди во Апсурдистан и северно од него извлекувајќи високопоучни слова за граѓанските доблести на послушноста политичката коректност јавниот ред и морал правото и демократијата или скратено – таму негде јужно на север.

Ѓавол ќе ја знае чуму, еден ден Вистината падна на земја ко трупец и – ни да мрдне, ни да претне. Од Метафизичката управа веднаш ја пренесоа на интензивна нега. Најпрвин ѝ дадоа  добрососедски раствор за дезинфекција. Орално. Притоа, како што налагаше демократско-медицинската процедура, ѝ го затнаа носот, за да се осигураат дека ќе голта.

Потоа ѝ вбризгаа  100 милиграма „факт-чекинг“. Интравенозно. Овој лек секогаш беше делотворен и ја смируваше Вистината кога ќе добиеше ненадејни напади на хистерија и ќе почнеше да бунца непроверени работи, како на пример дека Сонцето изгрева на исток, а заоѓа на запад. Меѓутоа, на голема ужаснатост на метафизичките лекари, овој лек, кој дотогаш (проверено!) делуваше во организмот на Вистината, сега за прв пат се покажа како – токсичен! Имено, крвта ја раствори буквата „т“; згора на тоа, најсовремените лабораториски тестови покажаа дека буквите „ч-е-к“ веќе одамна исчезнале во банкарските сметки на невладините организации, така што сè што остана во крвта на Вистината од „факт-чекинг“ беше „факинг“.

Брзо-брзо, за детоксикација на крвта, на Вистината ѝ беа вбризгани 1000 милиграма меѓународно право. Коњска доза. Но бидејќи Вистината всушност цело време беше третирана како магаре кое беше самарено по потреба (а богами и пердашено), нејзиниот магарешки организам уште повехементно ја отфрли коњската доза меѓународно право.

Најпосле, немаше што друго да се прави, касапите… ова хирурзите мораа да дејствуваат инвазивно и ја расекоа Вистината надолж и попреку со скалпелот на западните вредности. Очекуваа да најдат кинеска пластика или тумор кој метастазира според балкански методи и ја затрул нивната штитеничка Вистината. Но наместо тоа, на нивна голема вџасеност открија дека Вистината всушност развила инфекција токму од – западните вредности. За оваа инфекција, лекарите на Метафизичката управа немаа лек – целата нивна широка палета на лекови и терапии, како што беа прочуената стап-морков терапија, шарени револуции, двојни стандарди, политички притисоци и закани, санкции итн… во овој случај едноставно се покажаа како неделотворни.

Одеднаш, како во транс, Вистината се исправи и извика: „Запад му се заканува на Запад! Интелигенција на Исток! Северен ветер… пишти… дува… промаја… ме утепа!“

Докторите  ја прогласија Вистината за мртва.

За јавноста, од Метафизичката управа во кусо соопштение објавија дека Вистината била прегазена од возило со регистарски таблички „ДТ 2024 УС“ од засега непознат сторител. Лагата изрази искрено сочуство.

Тогаш, за прв пат ослободени од стравот да бидат обвинети за ширење лажни вести – цревата на граѓанинот Шљупков изразија – кркорење.

Рајко Пеколски

КОЛУМНИ

Рајко Пеколски

Вoнредни вести од глобалната лудница

Александар Стојановски

EУ ја губи битката со Трамп

Ричард К. Шервин

Доналд Трамп и неговото невладеење на правото

Дамбиса Мојо

Три причини поради кои „залетот“ на вештачката интелигенција би можел да...

Љубомир Николовски

Шоутајм Лука  –  холивудска драма зад затворени врати

Александар Донски

Струмичанец бил патријарх на Ерусалим во 12 век

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ