петок, 14 март 2025

Јужна Кореја размислува да произведе сопствено нуклеарно оружје поради Трамп

Создавањето нуклеарно оружје би можело да биде „план Б“ за Јужна Кореја во сè по „непредвидливото“ безбедносно опкружување, изјави во средата јужнокорејскиот министер за надворешни работи.

Илустрација: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Изјавите на министерот за надворешни работи Чо Тае-Јул укажуваат на тоа дека американскиот сојузник може да се откаже од неодамнешната заложба од времето на Бајден да не развива нуклеарно оружје, пишува Ју-ес-еј тудеј.

Иако самиот Чо истакна дека неговата расправа за нуклеарниот план Б е „преуранета“, некои во Сеул се прашуваат дали Трамп е подготвен да го одржи американското ветување дека ќе го брани својот сојузник – со нуклеарно оружје доколку е потребно – против нуклеарно вооружената Северна Кореја.

Сепак, како што пренесува Ју-ес-еј тудеј, водечки експерт за односите Вашингтон-Сеул, Виктор Ча од Универзитетот Џорџтаун и тинк-тенк Центарот за стратешки и меѓународни студии, го минимизираа значењето на изјавите на Чо.

„Би било природно корејски функционер да каже дека сите опции се на маса во овој момент на голема неизвесност“, изјави Ча за Ју-ес-еј тудеј. „На крајот, таквите одлуки за нуклеаризација би биле донесени само како одговор на некоја голема промена во безбедносната посветеност на Америка кон Кореја“. Ча понатаму истакна дека претставниците на Трамп засега „не покажуваат тренд“ кон намалување на безбедносната поддршка.

Сепак, повеќето Јужнокорејци ја поддржуваат идејата за развој на независен нуклеарен арсенал, според истражувањето на Ча. Идејата немала споредлива поддршка меѓу „стратешката елита“ на Сеул во анкетата од 2024 година, спроведена од Ча и неговите колеги пред претседателските избори во САД.

Дебатата за нуклеаризацијата во Јужна Кореја е исто така многу политизирана. Поддршката за развој на оружје е висока меѓу членовите на владејачката конзервативна Партија на моќта на народот, која најверојатно ќе ја изгуби власта на претстојните избори по обидот на отповиканиот претседател Јун Сук Јеол да прогласи вонредна состојба во декември. Опозициската Демократска партија главно се противи на изградбата на нуклеарно оружје.

Не е јасно каков став зазема новата администрација на Трамп за потенцијалниот развој на оружје на Јужна Кореја. Амбасадорот на Сеул во САД им рече на новинарите во средата дека дипломатските комуникации на новата администрација се залагаат само за „денуклеаризација на Северна Кореја“.

Спротивно на тоа, изјавите на Бајденовата администрација честопати повикуваа на денуклеаризација на целиот Корејски Полуостров, додаде Чо.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ