вторник, 22 октомври 2024
Рочиште во Управниот суд

Јолевски нема намера да се извини, Ристоска бара одговорност за дискриминација

Поранешниот претседател на Советот на јавни обвинители (СЈО), а сегашен член, Антонио Јолевски и обвинителката од скопското обвинителство, Ленче Ристоска денеска пред Управниот суд ги соочија аргументите за тоа дали Ристоска била дикриминирана кога Советот два пати не ја унапреди, а Јолевски тогаш изјави дека Ристоска „во моментов е на породилно и да ја изберевме, пак ќе биде на породилно“.

Објавено на

часот

Сподели

Пред случајот да стигне до Управниот суд, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) одлучи во корист на обвинителката и утврди дека Јолевски и СЈО ја дискриминирале Ристоска затоа што била на породилно отсуство при изборот на обвинители во Вишото јавно обвинителство, кога таа по втор пат не беше унапредена. Но Јолевски не го прифаќа мислењето на Комисијата со која се бара јавно да ѝ се извини на Ристоска и вели дека неговата изјава била извадена од контекст.

Смета дека во одлуката не биле наведени дискириминирачките дејствија.

„Пресудни беа извештаите за работа. Породилното отсуство беше споменато во контекст на немањето на извештаји. Изјавата беше извадена од контекст и погрешно сфатена. Ми е жал што немаше извештаји за работа за да одат во прилог на унапредувањето. Изнесував факти што постојат. Таман работа да е проблем породилното отсуство. Да има деца во оваа држава оти наталитетот ни е во опаѓање. Јас за неа гласав во 2021 година“, рече Јолевски на рочиштето.

За Ристоска, пак, решението на комисијата е јасно. Вели, за да се спречи слична појава, одговорност мора да има.

„Според мене важно е да постои одговорност за случаи на дискриминација на жени на работно место бидејќи жените не мора да ги загушуваат амбициите заради возраста, ниту пак да бираат дали ќе бидат мајки или ќе имаат успешна кариера. Сметам дека ваквите мислења на Комисијата и одговорот на правосудниот систем се најефикасната алатка за борба на општеството против антидискриминаторските политики“, рече Ристоска пред судот.

Претставникот од КСЗД смета дека мислењето не е управен акт и вели дека освен ова постои и граѓанска постапка пред надлежен суд.

Паралелно со оваа постапка против Јолевски е поднесено барање до прекршочниот оддел во Кривичниот суд за да плати глоба затоа што не ѝ се извинил на Ристоска.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ