сабота, 19 октомври 2024

Јакимовски за објектите на Алумина: 80% од парцелата ќе биде зеленило

Од парцела од 42 илјади квадратни метри, 30.000 квадрати ќе бидат зеленило, а на само 12.000 квадрати ќе бидат изградени зградите. Тоа е 80 отсто од целата парцела на поранешната фабрика Алумина во Карпош, велат од Пуцко петрол, компанијата која е сопственик на земјиштето. Овие податоци ги потврдува и градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски.   

Објавено на

часот

Сподели

„Станува збор за површина на која ќе доминира зеленилото, кое ќе опфаќа 80% проценти од вкупната површина. Значи ќе биде еден од најхуманите и најзелените простори во Скопје. Токму поради самата конфигурација на теренот на кој ќе доминира зеленилото, максималниот број на станбени единици/жители е 1.500. Со тоа се води грижа да не се доведе до вештачка пренаселеност во општината“, вели Јакимовски.

Архитектот Пако Радовановиќ од архитектонското студио Радо инженеринг вели дека проектот во целост ги следи параметрите на ДУП-от, изградената површина е многу помала од она што е дозволено, а општината ќе добие и донација од Пуцко петрол – 500 квадратни метри простор опремена градинка и деловен простор за клуб на пензионери. 

И од планерската куќа Тајфа архитекти велат дека се следат насоките на урбанистичките планови и дека се запазени сите законски процедури при носењето на планот. 

Од партиите кои се дел од Советот на Општина Карпош, досега реагираа од Левица и од ВМРО-ДПМНЕ. Од Левица велат дека планот нема да помине кога ќе стигне на дневен ред пред советниците, а советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За обнова на Македонија поднесоа 4.000 амандмани на Буџетот во Советот на Општина Карпош со што времено велат дека ќе се спречи носењето на Буџетот и на ДУП-овите. 

Претходно и советниците од Независни за Карпош изразија незадоволство од обидот за бетонирање на поранешна Алумина и кажаа дека деталниот урбанистички план и тие нема да го гласаат. Истиот план кој е во фаза на јавна анкета треба да помине и во Град Скопје и во Министерство за транспорт и врски.

За градоначалникот Јакимовски нема ништо спорно.

„Главните улици/паркинзи ќе бидат подземни со што жителите на Карпош нема да имаат директен допир со издувните гасови, а ќе се излегува од четири излези, со цел да се намали евентуалното оптоварување. Одалеченоста помеѓу станбените згради, особено на делот на улицата Прашка ќе биде околу 35 метри со цел самите згради да не фрлаат сенка на зградите од спротивната страна на улицата. Од инвеститорот се бара и гаранција за користење на најквалитетни материјали кои ќе бидат еколошки но и енергетски ефикасни. Не постои друг комплекс во градот Скопје кој има одвоено толку голем процент од површината, 80%, за зеленило“, истакна Јакимовски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ