Во соопштението се наведува дека Елад Кацир бил убиен од припадници на палестинската група Исламски џихад.
Елад Кацир, 47-годишен земјоделец од Кибуц Нир Оз, беше меѓу 253-те лица однесени во Газа за време на нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври, пренесува Ројтерс. Пред три месеци тој се појави во видеото објавено од Исламски џихад и молеше да биде ослободен.
Таткото на Кацир, Аврахам бил меѓу убиените во Израел на 7 октомври, според официјалните податоци, додека неговата мајка Хана исто така била земена како заложник, но била ослободена во ноември според договорот за прекин на огнот со Хамас.
Катарските и египетските посредници се обидуваат, засега неуспешно, да обезбедат уште едно примирје што би можело да врати некои од 129-те преостанати заложници.
Врз основа на различни извори на информации, Израел прогласи за мртви 35 заложници во заробеништво во Газа.
Палестинските фракции рекоа дека некои од заложниците биле убиени во израелски напади, што Израел го потврди во некои случаи, додека за некои од заложниците чии тела беа пронајдени тврдат дека имале знаци на егзекуција.