понеделник, 21 октомври 2024

Израел: Вработени во ОН обвинети за киднапирање, дистрибуција на муниција, масакр

Вработени во агенцијата на ОН која обезбедува образование, засолниште и хуманитарна помош за илјадници Палестинци во Појасот Газа беа обвинети од Израел за учество во нападите на 7 октомври. Еден е обвинет за киднапирање жена. Друг, наводно, дистрибуирал муниција. За третиот се вели дека учествувал во масакр во заедница каде биле убиени 97 лица.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Досието со обвиненијата е предадено на американската влада. ОН пред три дена соопштија дека откако биле информирани за наводите, отпуштиле неколку вработени. Досието вчера беше дадено на преглед на Њујорк Тајмс.

Осум земји, вклучувајќи ги САД, Обединетото Кралство и Германија, го суспендираа финансирањето на Агенцијата за бегалци на Обединетите нации (УНРВА) поради наводите.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, вчера изјави дека е „згрозен од овие ужасни наводи“ и објасни дека 9 од 12-те обвинети работници биле отпуштени. Гутереш побара од земјите кои го суспендираа финансирањето на Агенцијата да размислат повторно.

УНРВА е еден од најголемите работодавци во Газа. Вработува 13.000 луѓе, главно Палестинци.

УНРВА вчера објави дека двајца од 12-те обвинети вработени се мртви, но дека не може да даде повеќе информации додека Канцеларијата за внатрешен надзор на ОН спроведува истрага.

Во израелското досие се наведени имињата и работните места кои ги извршувале вработените во УНРВА и за што се обвинети. Во него се вели дека израелски разузнавачи ги потврдиле постапките на шестмина вработени на 7 октомври преку нивните мобилни телефони, а останатите ги следеле додека вршеле повици во Газа, при што наводно разговарале за вклученоста во нападот на Хамас. Тројца други наводно добиле пораки во кои им било наредено да се појават на собирните места на 7 октомври. На еден наводно му било наредено да ги донесе гранатите што ги чувал дома.

Израелците напишаа дека десетте обвинети вработени се членови на Хамас. Еден од работниците е поврзан со друга милитантна група, Исламски џихад, тврдат Израелците. Седум обвинети, наводно, се предавачи во училиштата на УНРВА, каде што предавале предмети како математика и арапски јазик. Други двајца извршувале други работи во училиштата. Останатите тројца биле секретар, социјален работник и управител на магацин.

Најдеталните обвинувања од досието се однесуваат на педагог од училиште во Кан Јунис во јужна Газа, кој со својот син е осомничен за киднапирање на Израелка. Социјален работник од Нусејрат, во центарот на Газа, е обвинет дека помогнал да се донесе телото на загинат израелски војник во Газа и дека дистрибуирал муниција и возила на денот на нападот.

Со децении има тензии меѓу Израел и УНРВА, која се грижи за палестинските бегалски семејства од своето основање во 1949 година. Критичарите на Агенцијата тврдат дека таа ја спречува интеграцијата на бегалците во новите заедници и ги одржува надежите за враќање во земјата која сега е Израел. Израел тврди дека УНРВА потпаднала под влијание на Хамас, што Агенцијата го негира.

Извештајот за наводите на хуманитарните работници беше објавен истиот ден со одлуката на Меѓународниот суд на правдата за обвиненијата за геноцид покренати од Јужна Африка против Израел. Судот му нареди на Израел да дејствува за да спречи геноцид од страна на своите војници во Газа и да дозволи поголема хуманитарна помош на територијата. Израел не е обврзан да ја следи таа наредба.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ