понеделник, 21 октомври 2024

Израел: Ослободувањето на заложниците од Газа нема да започне пред петок

Објавено на

часот

Сподели

Времето на прекинот на огнот и ослободувањето на заложниците кои Хамас ги зеде за време на нападот врз Израел на 7 октомври допрва треба официјално да биде објавено. Извор од египетските безбедносни сили рече дека посредниците побарале тој да започне денеска во 10 часот. Израелската јавна телевизија Кан, цитирајќи израелски функционер, објави дека имало 24-часовно доцнење во спроведувањето на договорот, бидејќи сè уште не е потпишан од Хамас и посредникот Катар.

Официјалниот претставник рече дека се оптимисти дека договорот ќе се спроведе откако ќе биде потпишан. „Преговорите за ослободување на нашите затвореници напредуваат и продолжуваат цело време“, рече израелскиот советник за национална безбедност Цачи Ханегби во изјавата објавена од кабинетот на премиерот.

„Ослободувањето ќе започне според првичниот договор меѓу страните, но не пред петок“, рече Ханегби. Премиерот Бенјамин Нетанјаху не спомна потенцијално одложување во спроведувањето на договорот за време на прес-конференцијата доцна во средата. Изјавата на Ханегби беше објавена околу еден час по прес-конференцијата.

Првото примирје во речиси седумнеделната војна, со посредство на Катар, беше поздравено ширум светот како знак на напредок што може да ги олесни страдањата на цивилите во Газа под израелска опсада и да врати повеќе израелски затвореници дома. Арапските министри го пофалија договорот, но рекоа дека тој треба да стане првиот чекор кон целосен прекин на огнот.

Израел рече дека прекинот на огнот може дополнително да се продолжи доколку се ослободат повеќе заложници, а палестински извор рече дека вкупно 100 заложници би можеле да бидат ослободени до крајот на месецот. Хамас и групи поврзани со него зедоа околу 240 заложници кога вооружени исламисти дивееја низ градовите во јужен Израел на 7 октомври. Претходно Хамас ослободи само четворица.

„Нема да ги извлечат сите заложници, но ќе ги извлечат овие први 50-ина, сите жени и деца… Ќе почнат да ги ослободуваат во следните 24 часа“, рече портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби. САД, исто така, се надеваат дека стотици камиони со хуманитарна помош ќе пристигнат во Газа во следните неколку дена, рече Кирби.

„Сега е важно сите аспекти да бидат целосно имплементирани“, рече американскиот претседател Џо Бајден во коментар на одговор на Икс, порано Твитер.

Црвениот крст ќе може да ги посети сите преостанати заложници во Газа, рече Нетанјаху на прес-конференција во средата навечер.

Педесет заложници ќе бидат ослободени во текот на четири дена, најмалку 10 дневно, се вели во соопштението од канцеларијата на Нетанјаху во вторникот вечерта. Примирјето би можело да се продолжува од ден на ден се додека се ослободуваат дополнителни 10 заложници дневно, се вели во соопштението. Израелското Министерство за правда објави список со 300 имиња на палестински затвореници кои би можеле да бидат ослободени.

Хамас соопшти дека првите 50 заложници ќе бидат ослободени во замена за 150 палестински жени и деца затворени во Израел. Стотици камиони со хуманитарни и медицински материјали и гориво ќе влезат во Газа, додека Израел ќе ги запре сите воздушни напади над јужниот дел на Газа и ќе одржува дневна шестчасовна забрана на летови на северот, соопштија владејачките исламисти во енклавата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ