Израел кажа дека целта на прекинот, кој се однесува на увозот на храна, лекови и гориво, е да се изврши притисок врз Хамас во преговорите за прекин на огнот.
Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци УНРВА предупреди дека одлуката за прекин на хуманитарната помош им се заканува на животите на цивилите исцрпени во 17-месечната брутална војна на Израел и дека повеќето од 2,3 милиони луѓе во Газа зависат од таа помош.
Хамас оваа мерка ја опишува како „колективно казнување“ и инсистира дека не може да биде натеран на отстапки.
Абдел Насер ал Ајрами, лидер на синдикатот на пекарниците во Газа, кажа за Ројтерс дека шест од вкупно 22 пекарници во функција затвориле бидејќи повеќе немаат гас.
„Преостанатите пекарници би можеле да затворат за недела или две, ако не им снема дизел или брашно, освен ако преминот повторно не се отвори за да се овозможи проток на роба“, вели тој.
Израел минатата недела го блокираше влезот на робата на палестинската територија, а потегот доведе до поскапување на основните намирници, како и на горивото, поради што многумина се присилени да ги намалат своите оброци.
Во најновата израелска казнена мерка, министерот за енергетика Ели Коен кажа во неделата дека ѝ наложил на Израелската електроенергетска корпорација (ИЕЦ) да не продава струја во Газа, што го опиша како притисок врз Хамас да ги ослободи заложниците.
Мохамед Табет, портпарол на централата за дистрибуција на струјата во Газа, кажа за Ројтерс дека таа одлука на луѓето на таа територија ќе им ја ускрати чистата вода.
„Одлуката е катастрофална, општините сега ќе бидат обврзани да ја пуштат канализациската вода во морето, што може да резултира со еколошки и здравствени ризици кои ги надминуваат границите на Газа“, кажа Табет.
Залихите на помош кои ги дистрибуира палестинската Црвена полумесечина се сè помали, предупреди Меѓународната федерација на здруженијата Црвен крст и Црвена полумесечина (ИФРЦ).
„Тешко е да се најдат основните намирници како јајца и пилешко, цените скокнаа и недостапни се за повеќето луѓе во Газа“, кажа портпаролот на ИФРЦ Томасо дела Лонга.
Борбите во Газа се сопрени со примирјето кое трае од 19 јануари, а Хамас размени 33 израелски заложници и пет Тајланѓани за околу 2.000 палестински затвореници.
Почетната фаза од 42 дена истече и Хамас и Израел се и понатаму далеку од договор за повоеното управување со Газа и иднината на самиот Хамас.