среда, 12 февруари 2025

Измените на Изборниот законик поскоро да се процесираат во Собранието, порачуваат претседателката и амбасадорот на ОБСЕ

Амбасадорот Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје на средба со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја информирал за планираните активности на Мисијата во 2025 година, посочувајќи ги, како приоритетни областите: владеење на правото, основните човекови права и социјалната кохезија, доброто управување, младинските политики и родовата еднаквост.

Објавено на

часот

Сподели

Претседателката, како што соопшти нејзиниот кабинет, го информирала амбасадорот за новоформираните тела: Советот за безбедност, Советот за млади, Комисијата за помилување и Комисијата за доделување одликувања и признанија. Објаснила дека при номинацијата, најпрво се водела од компетентноста, стручноста и интегритетот, без да ги запостави правичната и соодветна застапеност, како и половата и родовата димензија.

„Сиљановска-Давкова му ја презентираше нивната досегашна успешна работа и можноста за взаемна соработка за прашања во кои веќе сме соработувале, но и во нови области“, се наведува во соопштението.

Соговорниците се согласиле дека е добро, час поскоро, измените на Изборниот законик, согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија да се најдат на дневен ред на Собранието.

Исто така, претседателката и амбасадорот размениле ставови и се усогласиле околу моделот и форматот на одбележувањето на „Осми Март – Денот на жената“.

Средбата, како што е наведено во соопштението, завршила со изразена спремност за организирање заеднички активности.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ