Министерството за транспорт соопшти дека ги направило законските измени со цел заштита на државниот капитал и државните интереси. Со нив се овозможува остварување на правата на градење кон јавните органи, односно се овозможува реализација на веќе започнатите градби на државните органи.
„Овие измени се насочени кон унапредување на процесите за издавање на одобренијата за градење и поедноставување на постапките за инфраструктурни проекти, доминантно спрема јавните органи. Целта на предложените измени е да се решат сите затекнати проблеми во текот на градбите, како и да се олесни користењето на објектите, со што ќе се овозможи побрза и поефикасна реализација на инфраструктурните проекти. На тој начин се овозможува реализација на веќе започнатите градби од страна на државните органи преку нивна доизградба и делот на ставање на употреба“, информираат од Министерството.
Со измените, исто така, се олеснуваат постапките за изградба на патна и железничка инфраструктура финансирани од буџетски средства.
Со предложените измени се прави и усогласување на Законот за урбанистичко планирање со Законот за градење во делот на новите градби за складирање на енергија до 1 и над 1 мегават. Со измените се прави законско регулирање на таквите градби преку издавање на одобрение за градење, а досега за нив немаше реулирана процедура.
Министерот за транспорт и вицепремиер, Александар Николоски вели дека голем дел од наследените проекти од претходните влади се заглавени, започнати и недовршени, а ова е неопходен чекор во заштита на државниот капитал.
„И заради тоа измените на законот се суштински, за да можеме да ги доизградиме патиштата, зградите на Универзитерскиот кампус, зградата на Народна банка, желеницата и сите други проекти кои се платени со народни пари, а стојат недовршени“, вели Николоски.
Министерството за транспорт овие измени ги направи во тесна соработка со општините и јавните претпријатија, а со цел да се поедностави постоечката регулатива во областа на градежништвото и инфраструктурата.
Од Министерството додаваат дека со овие измени ќе се создадат поповолни услови за реализација на капитални проекти.