сабота, 19 октомври 2024

Изложбата „Лица на револуцијата“ на Диме Ратајкоски и Душко Апостолоски отворена во Гевегелија

Изложбата „Лица на револуцијата: Внатрешната македонска револуционерна организација низ фотографии 1893 – 1934 година“ од авторите Диме Ратајкоски и Душко Апостолоски, вчеравечер беше премиерно отворена во Домот на Културата во Гевгелија.

Објавено на

часот

Сподели

Изложбата прикажува досега необјавени портрети на македонски револуционери од илинденскиот и постилинденскиот период, како и од периодот меѓу двете светски војни, се до официјалната забрана на Внатрешната македонска револуционерна организација во 1934 година. Во основата на оваа изложба лежи една цела ризница на ретки и невидени фотографии, собрани во текот на една цела деценија од колекционерите Диме Ратајкоски и Душко Апостолоски.

Авторите ја потенцираа важноста на фотографијата во дигиталната ера, каде што секој момент може веднаш да се долови и сподели, „вредноста на старите фотографии како складишта на културната и историската меморија никогаш не била подлабока. Во ова време на брзи промени, старите фотографии се издвојуваат како неми сведоци на историјата, потсетувајќи нè каде сме биле, кои сме и каде би можеле да одиме.“

„Културата на сеќавањето е основна претпоставка за односите меѓу луѓето, за нивното меѓусебно разбирање или нивното меѓусебно конфронтирање. Невозможна мисија е да креираме заедничка визија за иднината без заедничка визија за минатото, како неизбежна содржина на секоја општествено-интегративна мисла, идеја и замисла! Колку визијата за минатото е променлива и нестабилна, толку визијата за иднината е непредвидлива и несигурна! Секој добар социолог и културолог ќе ви потврдат дека, колку консензусот за континуитетот на една заедница или народ е поширок и посеопфатен, толку мобилизациската моќ на таа колективна слика од минатото и визијата за иднината-помоќна“, истакна Васко Шутаров, универзитетски професор и експерт за културна дипломатија, кој ја отвори изложбата пред гевгелиската публика.

Изложбата прикажува внимателно селектирани и врамени 40 фотографии, кои ги доловуваат лицата и приказните на дел од македонските револуционери кои одиграле клучна улога во обликувањето на македонското револуционерно движење.

„Покрај културниот аспект, големо внимание треба да се обрати и на образовната компонента којашто произлегува од собраниот материјал, како историска граѓа која ќе и служи првенствено на научната јавност“, изјави промоторот на изложбата, актерот Зоран Љутков.

Тој додаде дека едукативната и истражувачката вредност на овие стари фотографии е неизмерна.

„Тие нудат визуелни докази и историски контекст, поедноставувајќи ги сложените наративи од минатото, правејќи ги подостапни за студентите и научниците. Тие не се само слики; тие се прозорци кон минатото и клучеви за разбирање на еволуцијата на македонското општеството, културата и историја“, истакна Љутков.

Ивона Опетческа Татарческа од Управата за заштита на културното наследство истакна дека додека се движиме низ сложеноста на сегашноста и гледаме во неизвесниот хоризонт на иднината, станува сè поважно да се сеќаваме и учиме од нашето минато но, како што додаде, и да умееме да го конзервираме, реставрираме и соодветно да го презентираме нашето историско и пред сè културно богатство.

„Овие фотографии како дел од поголема и многу вредна колекција на авторите Апостолоски и Ратајкоски, се првата приватна колекција во Македонија која ги поминала сите фази од комплексниот процес на заштита, пред да биде изложена во јавноста. Тоа подразбира стручна идентификација и валоризација од самите сопственици, кои како историчари со компетентно знаење ги откриле вредностите на содржините на овие фотографии“, истакна Опетческа Татарческа. 

Изложбата „Лица на револуцијата: Внатрешната македонска револуционерна организација низ фотографии 1893 – 1934 година“ патува за Битола, каде што на 23 октомври – Денот на македонската револуционерна борба, ќе биде прикажана пред битолската публика.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ