понеделник, 21 октомври 2024

Италија ќе гради прифатни центри за мигранти во Албанија

Италија ќе изгради центри во Албанија за прифаќање на нелегалните мигранти кои во Италија стигнуваат по море, кажа денес премиерката Џорџа Мелони при претставувањето на новиот план за намалување на бројот на мигранти во Италија, кој речиси се удвои во минатата година.

Објавено на

часот

Сподели

Мелони кажа дека албанските центри на почетокот ќе примат околу 3.000 луѓе кога ќе бидат отворени на пролет во 2024.

Додаде дека италијанската влада се надева дека во тој момент ќе се зголеми нивниот капацитет за обработка на барањата на 36 илјади мигранти годишно.

Повеќе од 145 илјади мигранти преку море досега стигнале во Италија во 2023, што е зголемување во однос на 88 илјади во истиот период минатата година.

Владата на премиерката Мелони веќе ги заостри затворските казни за шверцерите на луѓе и донесе одлука за зголемување на бројот на прифатни центри низ земјата пред нивната можна репатријација.

Десничарската партија во италијанската влада Браќа на Италија долго време бара ваквите објекти да се градат надвор од Европската Унија, предлагајќи ја Северна Африка, но ниедна земја од тој регион не се согласи на тоа.

„Го сметам ова за вистински европски договор и сакам да кажам дека покажува како е можно да се работи заедно на справувањето со миграциските текови“, кажа Мелони во Рим со албанскиот колега Еди Рама.

„Мигрантите ќе останат во тие центри колку што е потребно за брза обработка на барањата за азил, и, ако е потребно, за репатријација“, додаде таа. Мелони кажа дека малолетниците, трудниците и другите ранливи групи нема да бидат сместени во Албанија.

Извор од кабинетот на Мелони кажа дека договорот се однесува само на мигрантите кои на море ќе ги спаси италијанската крајбрежна стража, а не хуманитарните организации. Истиот извор негирал дека Италија ќе ѝ плаќа на Албанија за прифатните центри.

Мелони кажа дека Италија ќе изгради објект за идентификација на мигрантите во албанското пристаниште Шанѓин и центар за репатријација во внатрешноста. Двата објекти ќе работат под италијанска јурисдикција.

Албанскиот премиер Рама кажа дека чувствува должност да му помогне на Рим поради посебниот однос на двете земји. „Да се пружи рака во овој случај значи дека се помогна во справувањето со ситуацијата која е тешка за Италија“, кажа Рама.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ