петок, 18 октомври 2024

Италија ја забрани потрагата по сурогат мајчинство во странство

Италијанскиот парламент им забрани на паровите да патуваат во странство за да имаат дете преку сурогат мајчинство, потег за кој се залага партијата на премиерката Џорџа Мелони, а активистите велат дека законот ги погодува истополовите партнери.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Откако ја презеде функцијата во 2022 година, Мелони спроведува многу конзервативна социјална агенда, настојувајќи да го промовира она што таа го смета за традиционални семејни вредности, што им отежнува на ЛГБТК паровите да станат законски родители, пишува Ројтерс.

Горниот дом на Сенатот го усвои законот предложен од партијата на Мелони Браќа на Италија со 84 гласа „за“ и 58 „против“. Законот веќе беше одобрен од Долниот дом минатата година. Законот ја проширува забраната за сурогат мајчинство што веќе е во сила во Италија од 2004 година на оние кои одат во земји како што се САД или Канада, каде што е легално.

Предвидени се затворски казни до две години и парични казни до еден милион евра. „Мајчинството е апсолутно единствено, тоа апсолутно не може да се направи преку сурогат мајка и тоа е основата на нашата цивилизација. Сакаме да го искорениме феноменот на сурогат туризам“, рече сенаторката на Браќа на Италија Лавинија Менуни за време на парламентарната расправа.

Претходно оваа година, Мелони го нарече сурогат мајчинството нехумана практика која ги третира децата како производи од супермаркети, повторувајќи ја позицијата на Католичката црква. Вчера, демонстранти се собраа во близина на Сенатот за да го изразат гневот на нацрт-законот, велејќи дека владата ги напаѓа ЛГБТК луѓето и им штети на оние кои сакаат да имаат деца и покрај фактот што наталитетот во земјата драстично опаѓа.

„Ако некој има дете, треба да му се даде медал. Тука, наместо тоа, те праќаат во затвор… ако немаш деца на традиционален начин“, рече Франко Грилини, долгогодишен активист за ЛГБТК правата во Италија.

Претседателката на Рејнбоу фемилис Алесија Крочини рече дека 90 отсто од Италијанците кои избираат сурогат мајчинство се хетеросексуални парови, но главно тоа го прават тајно, што значи дека новата забрана де факто ќе ги погоди само геј паровите кои не можат да го сокријат тоа.

Италијанскиот национален статистички институт ИСТАТ во март објави дека бројот на раѓања паднал на рекордно ниско ниво во 2023 година, што е 15-ти последователен годишен пад.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ