Истражувањето го потврди и она во што веруваат многу луѓе, а тоа е дека во летните месеци се чувствуваат посреќно и подобро отколку во зимскиот период.
Експертите ги анализираа податоците собрани од 49.218 возрасни лица како дел од социјалната студија на Универзитетскиот колеџ во Лондон (УЦЛ) за ковид-19, која ги следеше испитаниците од март 2020 до март 2022 година.
Резултатите покажале дека луѓето генерално кога се будат „се чувствуваат исклучително добро“, но постепено се чувствувале полошо до полноќ.
Научниците исто така открија дека „постои врска помеѓу доброто расположение и одреден ден во неделата, тие имаат особено силни докази дека луѓето се чувствуваат подобро и психички и физички во текот на летото“.
Резултатите од истражувањето британските научници ги објавија во стручното списание БMЈ Ментал хелт, со заклучок дека „генерално, работите изгледаат подобро наутро“.
Британските истражувачи веруваат дека студијата покажала дека промените во менталното здравје и благосостојбата во текот на денот може да се објаснат и со физиолошки промени поврзани со телесниот часовник.
„Кортизолот, или хормонот чија најважна задача е да обезбеди доволно енергија во моментите на интензивен стрес бидејќи го регулира расположението, мотивацијата и стравот, го достигнува својот врв веднаш по будењето и е најнизок кога е време за спиење“, заклучуваат тие.
Научниците забележале дека менталното здравје на повеќето од испитаниците е подложно на промени во текот на викендот, но работите станале постабилни во текот на неделата.
Испитаниците одговараа на прашалници кои вклучуваа прашања како што се: „До која мера се чувствувавте среќни минатата недела?, Колку сте задоволни од вашиот живот и до кој степен мислите дека вредат работите што ги правите во животот“. Беа земени предвид фактори како возраста, здравствената состојба и дали луѓето се вработени.
Резултатите покажале дека оценките за среќа, задоволство од животот и смислата на животот биле повисоки во понеделник и петок отколку во недела. Во исто време, се покажа дека испитаниците одговориле дека се најсреќни во вторник.