До претресите доаѓа еден ден откако Уставниот суд, највисокиот суд во државата, го поништи гласањето на претседателските избори.
На пресудата за поништување на гласањето ѝ претходеше одлуката на претседателството, кое во оваа седмица декласифицираше низа разузнавачки документи во кои се изнесуваат тврдења против Ѓоргеску и Русија, вклучително и „масовна“ промоција на социјалните мрежи и сајбер-напади.
Одлуката на судот предизвика изненадување кај оваа членка на Европската Унија и НАТО сојузот, која се граничи со Украина, и го отвори патот за почнување нов изборен процес.
Новата влада треба да го одреди датумот за повторени избори.
Три куќи во градот Брашов, во централниот дел на Романија, биле претресени на 7 декември, во рамките на истрагата на повеќе кривични дела – изборна корупција, перење пари и финансиски измами, се наведува во соопштението на обвинителството.
Обвинителството прецизираше дека претресите се насочени кон лице вмешано во „незаконско финансирање на изборната кампања на кандидатот за претседател на Романија, со користење парични средства“, но не го именуваше Ѓоргеску.
Исто така, истрагата го опфаќа кршењето на законот за забрана на организирање и истакнување симболи од фашистичка, расистичка или од ксенофобична природа, се додава во соопштението.
Ѓоргеску, малку познат аутсајдер, неочекувано победи во првиот круг на изборите на 24 ноември и беше фаворит за победа во вториот круг во неделата против центристичката и проевропска кандидатка Елена Ласкони, покажуваат неколку истражувања на јавното мислење.
Меѓутоа, документите подготвени за состанокот на Советот за национална безбедност по првата рунда на изборите “откриваат агресивна промотивна кампања, која е во спротивност со изборното законодавство, и експлоатација на алгоритми за забрзано зголемување на популарноста на Калин Ѓоргеску“.
Како што се тврди во еден од документите, еден корисник платил 381.000 долари за промоција на Ѓоргеску меѓу 24 октомври и 24 ноември.
Врз основа на тие тврдења, Уставниот суд во петокот (6 декември) едногласно одлучил да го поништи целиот изборен процес за да се обезбеди негова „исправност и законитост“.
Соединетите Американски Држави изразија доверба во романските институции и повикаа на „мирен демократски процес“.
Ѓоргеску, 62-годишен поранешен државен службеник, интензивно водел кампања за укинување на помошта на соседната Украина преку социјалните мрежи, особено преку Тикток, што предизвика загриженост за идниот правец на Романија, која се смета за сигурен НАТО сојузник.
Ѓоргеску одлуката на судот за поништување на гласањето ја опиша како „формализиран државен удар“ и изјави дека демократијата е „под напад“.
Романскиот проевропски претседател Клаус Јоханис изјави дека ќе остане на функцијата додека не се формира нова влада, која ќе го одреди датумот за претседателските избори.
Декласифицираните документи наведуваат дека Романија е „цел на агресивни руски хибридни акции, вклучително сајбер-напади, хакерски активности и саботажи“.
Романските власти идентификувале повеќе од 85.000 сајбер-напади.