среда, 12 февруари 2025

„Истра, Риека, Далмација – италијански земји“: транспарент на италијанската десница (ВИДЕО)

Група членови на италијанското движење Џовенту национале (Младина на националната партија), која е поврзана со десничарската партија Браќа од Италија, пред неколку дена одржаа поворка со свеќи во центарот на Болоња на која носеа транспарент со натписот „Истра, Риека, Далмација – италијански земји“.

Фото: социјални мрежи

Објавено на

часот

Сподели

Дел од учесниците неовластено влегоа во затворената градска палата Палацо д’Акурсио за да положат венец, што предизвика остри реакции кај градоначалникот на Болоња, Матео Лепоре.

„Ова се случи без никаков договор со градската администрација. Ќе бараме одговорност за овој чин и ќе поднесеме пријава“, изјави Лепоре.

„Се чини дека крајната десница продолжува да се фасцинира од историските гестови од ерата на фашизмот“, рече градоначалникот.

На неговите зборови веднаш одговори пратеникот од Браќа од Италија, Галеацо Бињами, кој учествуваше во поворката. „Поднесувам тужба против градоначалникот за клевета и дифамација. Венецот беше поставен пред зградата, а јас потоа си заминав“, изјави Бињами.

На плоштадот Маџоре за време на десничарската парада, педесетина членови на колективот Камбиаре рота, радикална левичарска организација што отворено се противи на десничарските политики, извикуваа „сите ние сме антифашисти“ на песната „Бела чао“, симбол на антифашистичкото движење. Полицијата интервенираше за да одржи растојание меѓу двете групи и да спречи можни судири.

Поворката се одржа по повод Денот на сеќавање на жртвите на фојбата и егзодусот на Италијанците од Истра, Риека и Далмација, кој во Италија се одбележува секој 10 февруари во спомен на трагичните настани што се случија по Втората светска војна. Фојбите се природни крашки јами, кои се користеле за масовни егзекуции за време на војната и непосредно по неа. Од 1943 до 1945 година, а особено по капитулацијата на Италија и во првите години од југословенската власт, голем број италијански цивили, војници и соработници на фашистичкиот режим беа убиени и фрлени во овие јами.

По војната, повеќе од 200.000 Италијанци ја напуштија Истра, Риека и Далмација во процес познат како италијански егзодус. Голем дел од нив заминаа во Италија, каде што ги дочекаа тешки услови и маргинализација.

Дури во 2004 година Италија официјално го призна овој дел од историјата и го прогласи 10 февруари за Ден на сеќавањето. Овој датум редовно предизвикува политички тензии, особено меѓу десничарските и левичарските политички групи.

Додека десницата го користи Денот на сеќавањето за да ги нагласи страдањата на Италијанците и злосторствата извршени од југословенските сили, левицата често предупредува на ризикот од историски ревизионизам и инструментализација на овие настани за политички цели.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ