вторник, 22 октомври 2024

„Историска“ посета на Макрон на Казахстан, наспроти неодобрувањето на Москва (ВИДЕО)

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска пристигна во Казахстан, на првиот дел од своето патување во Централна Азија, регион кој долго време се сметаше за двор на Русија и кој го привлече вниманието на Западот кога започна војната во Украина.

Објавено на

часот

Сподели

Богатиот со нафта Казахстан веќе се појави како алтернативен снабдувач со сурова нафта за европските земји кои ги прекинаа руските испораки и важна алка во новата кинеско-европска трговска рута која ја заобиколува Русија.

На средбата со казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев, Макрон ја пофали Астана што одби да застане на страната на Москва за украинското прашање и најави дека Франција и Казахстан имаат намера да потпишат големи деловни зделки.

„Ќе можеме да постигнеме напредок за важни меѓународни прашања и да ја нагласиме нашата посветеност на повелбата и принципите на Обединетите нации како што се територијалниот интегритет и националниот суверенитет“, рече тој.

Русија повеќе пати изразуваше загриженост поради зголемените дипломатски активности на Западот во поранешните советски земји од Централна Азија. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров неодамна изјави дека Западот се обидува да ги одвлече руските „соседи, пријатели и сојузници“ од Москва.

„Во никој случај не го потценувам притисокот што некои актери можеби го вршат врз вас“, му рече Макрон на Токаев.

„Франција високо го цени нашето пријателство. Ние го следиме патот на пријателството. Тоа е пат за вашата земја која одбива да биде вазал на која било сила и сака да одржува балансирани односи со различни земји во интерес на вашиот народ. Таквата стратегија ѝ е блиска на Франција“, рече тој.

Казахстан и Узбекистан, следната станица на патувањето на Макрон, одбија да ја признаат руската анексија на украинските територии и ветија дека ќе се придржуваат до западните санкции против Москва, иако и Русија и западните земји како Франција, ги нарекуваат свои стратешки партнери.

Освен нафта, Казахстан е значаен извозник на ураниум, а француската Орано и казахстанската државна нуклеарна компанија Казатомпром веќе соработуваат. Казахстанската влада соопшти дека двете земји планираат да разговараат за енергетската соработка, трговијата и регионалните и глобалните прашања.

„Можеме да ја наречеме вашата посета историска, многу важна“, му рече Токаев на Макрон.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ