четврток, 13 февруари 2025

ИСППИ: Гласачите имаат ниска доверба во партиите и големо разочарување од институциите

Стабилно, но етнички определено гласање, со зголемена поддршка за помалите политички опции, покажуваат резултатите од најновото истражување на Институт за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Според резултатите од истражувањето, изборното однесување помеѓу два изборни циклуси (2020 и 2024) останува релативно стабилно, со јасно изразена етничка димензија, и одлевање на гласовите во македонскиот политички блок од партијата на власт во 2020 кон партијата на власт 2024. Покрај ова, овие избори покажале и одредено поместување на дел од гласачите кон помали политички партии и новоформирани партии и коалиции. Причините за ова делумно лежат во незадоволството од перформансите на владеачката коалиција во периодот 2020-2024 година, се наведува во извештајот од истражувањето.

Објавено на

часот

Сподели

Според резултатите од истражувањето, излезноста на изборите е висока и стабилна, со оглед на тоа што 88 отсто од испитаниците кои гласале на парламентарните избори во 2024 година истото го направиле и во 2020 година. Излезноста е пониска кај припадниците на останатите етнички заедници во споредба со Македонците и Албанците.

Истражувањето покажало дека е недоволна политичката вклученост на жените и младите, особено во партиското организирање и кампањите.

„Жените и најмладата возрасна група (18-24 години) значително поретко се вклучуваат во изборната кампања, гласањето, и политичките процеси во споредба со останатите групи. Овој јаз е особено видлив во членството во политичките партии и во учеството во организирани политички активности, што укажува на системска нееднаквост во пристапот до политичкото делување“, наведуваат од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ)​.

Резултатите уште покажуваат дека граѓаните имаат различни мотиви за гласање и значајна улога на кампањата во одлуката.

„Граѓаните се поделени околу причините за нивниот избор, при што речиси третина гласаат врз основа на партиските програми, а друга третина поради воспоставената доверба во раководството на партијата. Секој петти гласач го дава својот глас врз основа на довербата кон кандидатите/ките на партијата. Поголем дел од граѓаните изразуваат задоволство од изборната понуда, а речиси 40 отсто од нив ја носат одлуката за кого ќе гласаат во текот на кампањата или на самиот изборен ден“, се наведува во истражувањето на Институтот.

Што се однесува до перцепциите за вредностите на политичките партии, за гласачите најзначајни вредности при изборот на партија се правичноста, европската ориентација и чесната работа. Сепак, постојат јасни разлики во вредносните перцепции меѓу поддржувачите на различни политички опции, што укажува на извесна поделба во јавноста околу визијата за иднината на земјата​.

Според резултатите граѓаните имаат ниска доверба во политичките партии и нивните лидери и постои големо разочарување од политичкиот систем и институциите.

„Мнозинството граѓани се скептични кон политичките партии и нивните лидери, при што доминира перцепцијата дека тие не работат во интерес на јавноста и не ги исполнуваат очекувањата на граѓаните. Граѓаните изразуваат силно незадоволство од демократското функционирање на земјата и сметаат дека институциите не ги исполнуваат своите обврски кон граѓаните. Ниското ниво на доверба во институциите го зголемува чувството на политичка апатија и ја намалува вербата во можноста за позитивни промени преку институционални механизми​. Истовремено, поддршката за демократијата како облик на политичко уредување е стабилна“, се вели во извештајот од истражувањето на ИСППИ.

Од Институтот наведуваат дека изборен клиентелизам постои, иако граѓаните генерално ги гледаат изборите како фер и ефикасни.

„Истражувањето покажува дека граѓаните генерално ги сметаат изборите за фер и ефективни како инструмент за политичка промена. Сепак, клиентелизмот останува присутен феномен во изборните процеси, при што одредени гласачи пријавуваат искуства со притисоци, ветувања за вработување и други форми на политички услуги во замена за глас“, заклучуваат од ИССПИ​.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ