„На средбата изминативе деновиве со косовскиот премиер Аљбин Курти, има некаква согласност дека ќе биде дел од опозицијата, но нема некој договор. За тоа ќе бидете информирани во деновите што следат“, изјави на денешната прес-конференција во прес-центарот на ЕСП, портпаролот Исени.
Дополнително ќе информираат, како што кажа, и за тоа кој ќе биде нивен претседателски кандидат откако ќе разговараат во коалицијата.
Лидерот на Алијанса за Албанците (АА), Арбен Таравари денеска потврди дека било разговарано тој да биде кандидат на опозоцијата за претседател, но за МИА тој рече дека не е заинтересиран за тоа.
Денеска Таравари оствари средба со лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски и тоа само два дена по приштинските разговори.
Како што објави МКД.мк, во АА владее разногласие по понудата од опозициската коалиција за заеднички изборен настап и дека поранешниот лидер Зијадин Села застапува став на изборите да се оди самостојно. Средба на партиското раководство на која треба да се донесе одлука како АА ќе настапи на изборите Таравари уште нема свикано, ниту пак официјално информирал за разговорите со ЕСП и со косовскиот премиер Курти.
Инаку, на прес-конференцијата на ЕСП, портпаролот Исени рече дека заврши „техничкиот театар“ за Талат Џафери и се заложи за враќање кон проблемите со корупцијата кај власта.
„Европскиот сојуз за промени нема илузии – еден премиер со технички мандат нема ниту ингеренции, ниту моќ, ниту легитимитет за да адресира или да реши некоја од овие актуелни теми! Ова докажува дека неговото назначување беше само формалност во обид да се прикријат криминалот и корупцијата и заробувањето на државата од кликата на казино-кланот и други слични кланови.
Ниту една репортажа, ниту фолклористичка глорификација, ниту еден театар со пари на граѓаните нема да може да го избрише зулумот што ДУИ, Соравиа, Лотарија или , Евровиа го вршат врз граѓаните. А сепак, тука сме да не молчиме и да бараме одговорност – затоа што Албанците се уморни од измами, уморни од илузии дека навистина нешто им се променило во животот со Талат како технички премиер“, рече Исени.