Воени авиони, за кои постои сомневање дека се израелски, го бомбардираа иранскиот конзулат во сириската престолнина на 1 април, а Иран соопшти дека седум воени советници биле убиени, што претставува голема ескалација во израелската војна со регионалните ривали.
„Кога напаѓаат конзулат, како да ја напаѓаат нашата почва. Злобниот режим направи грешка и мора да биде казнет и ќе биде казнет“, рече Хамнеи во говорот по повод крајот на светиот муслимански месец Рамазан.
Израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац изјави денеска дека Тел Авив ќе одговори доколку Иран го нападне Израел од своја територија, очигледен одговор на Хамнеи.
„Ако Иран нападне од своја територија, Израел ќе одговори и ќе нападне внатре во Иран“, напиша Кац на социјалната платформа Икс.
Техеран ги поддржува групите кои се приклучија на конфликтот низ целиот регион откако Израел ја започна својата инвазија на Газа по упадот на палестинската исламистичка организација Хамас во јужниот дел на Израел на 7 октомври.
Проиранското либанско движење Хезболах секојдневно разменува оган со Израел, ирачките групи пукаа врз американските сили во Сирија и Ирак, а јеменските Хути гаѓаа бродови во Црвеното Море и Аденскиот Залив.