„Планот да се испразни Газа и да се подложат Палестинците на принудно раселување во соседните земји е дел од продолжувањето на напорите на ционистичкиот режим за целосно уништување на палестинската нација“, рече портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Бакаи.
Тој го нарече американскиот план „напад без преседан врз основните принципи и основи на меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации“.
Портпаролот на иранската дипломатија ја повика меѓународната заедница да го признае „правото на палестинскиот народ на самоопределување и правото да биде ослободен од окупација и апартхејд“.
Американскиот државен секретар Марко Рубио синоќа изјави дека Трамп мислел само на привремено заминување на Палестинците од Појасот Газа додека не се обнови опустошената територија.
Трамп предизвика силни реакции низ светот кога за време на состанокот со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху предложи дека САД би можеле да го заземат разрушениот од војна Појас Газа.