среда, 26 февруари 2025

Иран исклучува директни разговори со САД за нуклеарната програма

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи денеска ја отфрли можноста за какви било директни преговори со САД во контекст на сегашниот „максимален притисок“ на американскиот претседател Доналд Трамп за иранската нуклеарна програма.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Трамп беше архитект на таканаречената политика на максимален притисок кон Иран за време на неговиот прв мандат (2017-2021), со повторното воведување санкции за економски да ја ослабне земјата и да ја изолира на меѓународната сцена.

Од неговото враќање на власт во јануари, Трамп рече дека сега се залага за разговори со Иран за контрола на неговата нуклеарна програма, но и дека ги засилил санкциите против земјата.

„Нема да преговараме под притисок, закани или санкции“, рече Арагчи, еден ден откако САД воведоа нови санкции кон Иран, поврзани со продажбата на нафта.

Шефот на иранската дипломатија додаде дека поради тоа нема да има директни преговори меѓу Иран и САД за нуклеарното прашање, сè додека „на овој начин се врши максимален притисок“.

Арагчи ова го изјави за време на состанокот во Техеран со неговиот руски колега Сергеј Лавров.

Во 2015 година, Иран склучи договор во Виена со Франција, Германија, Велика Британија, Кина, Русија и САД за својата нуклеарна програма. За возврат, текстот предвидуваше намалување на меѓународните санкции кон Техеран.

Сепак, во 2018 година, Трамп, тогашен американски претседател во неговиот прв мандат, еднострано ја повлече својата земја од договорот и повторно воведе тешки санкции за Иран.

Како одговор, Техеран ги зголеми резервите на збогатен ураниум на 60 отсто, додека 90 отсто се потребни за производство на атомско оружје.

Иран го брани своето право да развива нуклеарна програма за цивилни цели, особено енергетски, но негира дека сака да изгради атомска бомба, иако западните земји се сомневаат во тоа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ