среда, 16 октомври 2024

ИПИС: Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ со најмногу доверба, 15 отсто од граѓаните не би гласале за ниту една партија

Премиерот Христијан Мицкоски и владеачката ВМРО-ДПМНЕ уживаат најголема доверба меѓу граѓаните по првите 100 дена од работата на Владата, покажуваат резултатите од истражувањето на Институт за политички истражувања Скопје (ИПИС) што беше објавено денеска. Процентот на граѓани кои немаат доверба во ниту еден политичар е 26,5 отсто, а доколку следната недела би се одржале парламентарни избори 15,5 отсто од испитаните граѓани не би гласале за ниту една партија.

 

Објавено на

часот

Сподели

Според резултатите од истражувањето на ИПИС, граѓаните најмногу му веруваат на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и за него позитивно се изјасниле 27,8 отсто од испитаниците. По него следуваат лидерот на ДУИ Али Ахмети со 8,6, претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче со 5,5, првиот човек на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски со 4,3 отсто од довербата на граѓаните. Лидерот на Левица Димитар Апасиев има 4 отсто доверба кај испитаните граѓани. Министерот за здравство Арбен Таравари има доверба од 2,7,отсто, Африм Гаши 2,1, Изет Меџити 1,9, а поранешниот премиер и претседател Бранко Црвенковски ужива доверба од 1,5 отсто, додека градоначалникот на Тетово, Билал Касами 1,4 отсто. Поранешните премиери Никола Груевски и Зоран Заев имаат 1,1 отсто доверба кај испитаните граѓани, а исто толку доверба ужива и доскорешниот претседател на државата Стево Пендаровски.

За разлика од овие бројки, 26,5 отсто од испитаните граѓани немаат доверба во ниту еден политичар. Во други политичари што не биле наведдени во анкетата доверба имаат 2,6 отсто, а не знаеле да одговорат или воопшто не одговориле 7,8 отсто од испитаните граѓани.

Што се однесува до впечатоците на граѓаните за првите 100 дена од работата на Владата, позитивно се изјасниле 28,4 отсот од испитаниците, донекаде позитивно мислење имаат 27,1, донекаде негативен впечаток имаат 9,3 отсто од испитаниците, негативно се изјасниле 21,6 отсто, а не знаеле или немале одговор 13,6 отсто од испитаните граѓани.

Што се однесува до работата на премиерот Христијан Мицкоски позитивно се изјасниле 31,5 отсто од граѓаните, донекаде позитивно 25,2, донекаде негативно 10,3, негативно се изјасниле 19,8 отсто од испитаниците, а не знаеле или немале одговор 13,2 отсто од испитаните граѓани.

На прашањето за која партија би гласале доколку следната недела има парламентарни избори, најмногу од граѓаните одговориле дека тоа би била ВМРО-ДПМНЕ со 27, 2 отсто по што следуваат СДСМ со 9,6 отсто, коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ со 8,5, коалицијата Вреди со 7,8, Левица со 4,8, ЗНАМ со 4 отсто од испитаните граѓани, а за друга партија би гласале  0,4 отсто од граѓаните. За ниту една партија нема да гласаат 15,5 отсто од испитаниците, не сакале да кажат 11,6 отсто, а не знаеле или не сакале да кажат 10,6 отсто од испитаните граѓани.

 

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ