петок, 7 февруари 2025
Ново судско рочиште за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски

Инспектори го терале сведокот Трајковски да следи што прави таткото на Вања, од партијата Десна добивал закани

Во Основниот Кривичен суд Скопје, денеска, продолжи судењето за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски со сведочење на Гоце Трајковски, кој заедно со таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, помагал во потрагата по неа прибавувајќи видео снимки.

Објавено на

часот

Сподели

Според сведокот Трајковски, патеката по која се движела Вања му ја покажал таткото Александар Ѓорчевски, кој заедно со мајката Зорица Ѓорчевска со ГПРС уред го следеле движењето на Вања. Трајковски заедно со таткото одел по истиот пат и барал снимки од околните објекти.

„Прво што видовме од фризерницата во близина на зградата на Вања, гледавме снимките од 7:10 до 7:30 часот, а Вања излегла околу 7:20 и се чудевме зошто ГПС покажува дека се движела тука, а Вања ја нема. Прашав дали каснат камерите, ми рече дека пет минути каснат. Му реков на Саше да ѝ се јави на Зорица да ја праша. Во 7:35 излегла Зорица од дома. На усб ни ги снимија снимките. Се чудевме како Вања ја нема, а поминала тука“, рече Трајковски.

Додаде дека на снимките се гледа како Зорица испаничена излегува по истата улица и мобилниот го става во задниот џеб.

„На снимките се гледа како Зорица испаничена излегува по истата улица и мобилниот го ставаше во задниот џеб. Отидов одма кај пријатели од Чардак кафаната да не има по улица Боемска отидено, потоа се јавив кај другар во ,сејв сити’ што работи да провери да не има отидено во парк да направи глупост некаква. Од ,сејв сити’ ми се јави другарот и рече дека не оди на булевар Илинденска накај Влада, ниту накај парк, ниту накај Град Скопје“, рече Трајковски.

На прашање од каде им дошла идејата за сами да ги бараат снимките, Трајковски рече „полицајците биле собрани и ништо не работеле биле собрани како да играат жмурка“.

„Од анализите на снимките и колите кои поминуваа мене ми падна чудно што сите возила возеа со 40-50 километри на час, кога помина цитроенот возеше со 10 километри на час и многу димеше ауспухот и стаклата му беа замаглени. Направив скриншот од 15-те возила и од три, четири лица кои поминуваа и ги препратив сите кај другарот од ,сејв сити’, после отидов кај Правда кафичот да барам други камери. Од кога му ги пратив скриншотовите ми се јави другарот од ,сејв сити’ ми вика кај ја најде колава ја бараме три дена од исчезнат велешанец. Ги препратив сите возила кои поминуваат од 7:20 до 7:35 часот. Му реков на таткото да отиде до менувачницата, затоа што имаат добра резолуција“, рече Трајковски.

Трајковски при сведочењето кажа дека имал закани од членови на партијата Десна, „да внимава што ќе зборува за да не пропадне во бунар“.

Трајковски им се обрати на обвинетите Љупчо Палевски-Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев, им рече да престанат со заканите, зашто им поднел пријави.

„Имам закани од психопативе овде, преку членови од партијата на фејсбук што ја имаат, од фејсбук профил Недвижности Битола, пишале, ‘Гоце од Добрашане, пази што правиш!’Не им се плашам. Им пцуев и мајки и шајки, сѐ живо. Не сум ви јас 14-годишно девојче и немоќен старец па да ви се плашам”, сведочеше Трајковски.

Трајковски е последен сведок на предлог на Обвинителството. Тој требаше да сведочи на почетокот од постапката, кога беа сослушани и другите сведоци, меѓутоа, поради здравствени причини тоа не се случи, а потоа не беше достапен на органите на прогонот поради сомнение дека сторил друго кривично дело. На 23 јануари 2025 година ѝ се предаде на полицијата и оттогаш е во притвор.

На претходното рочиште Обвинителството презентираше видео материјали на кои беше воочено движењето на возилата со кои била грабната Вања.

За случајот се обвинети Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски кои се произнесоа дека не се чувствуваат виновни.

Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Додека, грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ