„Најголемиот дел, би рекол 95 проценти од судиите се луѓе коишто чесно си ја работат својата работа, кои што обвинуваат според закон и Устав, судат според закон и Устав. Но, за жал има и такви коишто останаа да бидат партиски измеќари и коишто ценат дека кога ќе ја облечат токата, наместо да заборават на партиските привлегии и оние кои што ги предложиле, тие сѐ уште се верни слуги на истите коишто на времето, бидејќи такви се законите и процедурите, ги предложиле да бидат таму каде што се“, рече Мицкоски.
Премиерот повторно го потенцира, како што кажа, однесувањето на еден обвинител од пред неколку дена, којшто „одлучи наместо да биде обвинител и заштитник на владеењето на правото и правдата, да биде верен слуга и измеќар на една партија која што беше долги години на власт и дел од коалицијата во поранешната влада“. Мицкоски не го кажа неговото име, но рече дека новинарите точно знаат за кого станува збор.
„Јас сум сигурен дека вие новинарите точно знаете за кое име станува збор и очекувам тоа да биде во насловите на вашите соопштенија. На тој што му стоеја на ушка, на една слика“, истакна Мицкоски.
Запрашан за тоа дали се зборувало за можни нови членови на Судскиот совет, премиерот нагласи дека не се дискутирало.
„Ние не влеговме во ова затоа што имаме однапред спремено тефтерчиња во коишто се наоѓаат имиња, како тие што беа во Речица и на „Бихаќка“. Ние влеговме од принципиелни причини бидејќи вие граѓаните им дадовте доверба помала два проценти, а и последните случувања за избор на вршител на должноста Претседател на Врховниот суд, името коешто е избрано, е дополнителен мотив овие членови на Судскиот совет да бидат разрешени“, додаде Мицкоски, кој беше на настан во Центарот за обука на полицијата.