петок, 18 октомври 2024
Весна Попоска

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Има ли светло на крајот на венецуелскиот тунел?

Според Обединетите нации, повеќе од седум милиони граѓани ја напуштиле Венецуела во последните десет години, во услови на економска и политичка криза предизвикана од падот на цената на нафтата, во комбинација со хроничната корупција и лошото управување.

Глобалната изборна година повеќе или помалку е веќе завршена во јужната хемисфера, а политичката атмосфера е особено жешка во Венецуела. Венецуела е пример за петродржава, каде што владата е многу зависна од приходот од фосилни горива, моќта е концентрирана, а корупцијата е широко распространета.

Oфицијално, Боливарска Република Венецуела, е земја на северниот брег на Јужна Америка, која се состои од континентална копно и многу острови и островчиња во Карипското Море, на површина од 916.445 км2, со население од 29 милиони жители (во 2022 година).

Приказната за изборните резултати во Венецуела која вртоглаво брзо го обиколи светот, не остана незабележана ни кај нас, особено по обвинувањата за влијание извршено во изборниот процес преку хакерски напади од македонска територија.

Изборен процес во сенка

На 28 јули, милиони Венецуелци гласаа на претседателските избори. Трката го соочи Николас Мадуро, актуелниот наследник на политичкото движење на Хуго Чавез што управува со земјата од 1999 година, против Едмундо Гонзалес од Унитарната платформа. Гонзалес, поранешен амбасадор и релативно непознат кандидат, беше поддржан од знаменосецот на опозицијата Марија Корина Мачадо, на која и беше забрането да се кандидира.

Oдлуката за забрана за канидидирање ја донесе Врховниот суд на Венецуела минатата година, неколку часа откако тројца сојузници на Мачадо беа приведени под обвинение за заговор, во услови на растечки тензии меѓу Владата на претседателот Николас Мадуро и политичката опозиција.

Мачадо беше прилично повлечена од јавноста, се до саботата на 03 август, кога излезе заедно со илјадници луѓе на улиците на Каракас, веејќи го националното знаме и пеејќи ја националната химна, во знак на поддршка на опозицискиот кандидат за кого веруваат дека му е украдена победата, заедно со нивната шанса за подобро утре и за промена на економските политики на актуелната Влада.

Протестите се соочуваат со полициска бруталност, апсења и прекумерна употреба на сила, а опозицијата пријави дека најмалку 20 луѓе се убиени.

Неуспешни политики под превезот на социјализмот

Кога првпат беше избран во 2013-та, Мадуро продолжи со политиките на социјалистичката партија и Чавез за национализација и државна контрола, преземајќи ја контролата врз различни индустрии, вклучувајќи ги нафтата, рударството и телекомуникациите.

И тогаш, како и денес, претседателството на Мадуро беше оспорувано, со широки протести и обвинувања за авторитаризам. Неговата Влада беше обвинета за поткопување на демократските институции и на човековите права.

Владата на Мадуро се соочи со меѓународна изолација – многу земји и организации не го признаа неговото претседателствување, особено по спорните избори во 2018 година, кои беа оценети како фарса, a ЕУ, САД и неколку други земји воведоа санкции кон Венецуела. Ова само ја продлабочи и онака сериозната хуманитарна криза, а милиони Венецуелци ја напуштија земјата во потрага по подобри услови за живот.

Според податоци на Обединетите нации, повеќе од 7 милиони граѓани ја имаат напуштено Венецуела во последните десет години, во услови на економска и политичка криза предизвикана од падот на цената на нафтата – клучен извоз за Венецуела – во комбинација со хроничната корупција и лошото управување. Земјата се соочува со хиперинфлација: годишната стапка на инфлација достигна неверојатни 1.300.000% во 2018 година (2.295.981 отсто во 2019), а за Венецуелците стана предизвик и да си ги дозволат основни потреби.

Во земјата владее глад и долготрајна криза за храна, а јавниот долг е исклучително висок. Во обид да ги заобиколи меѓународните санкции, владата на Мадуро воведе Petro, криптовалута поддржана од државата, која неславно заврши после шест години.

Државната нафтена компанија се бореше да го одржи минималното производство за извоз во други земји, како и домашната потрошувачка. Но, за да го стори тоа, го жртвуваше основното одржување и се потпираше на сè понеквалитетна опрема што доведе до растечки еколошки последици.

Нелегитимни избори и легитимни обвинувања

Настрана сомнителните предизборни услови, изборите не ги исполнија меѓународните стандарди и ги прекршија основните политички права на Венецуелците да избираат по сопствено убедување.

Опозицијата прогласи неформална победа, но Националниот изборен совет, во кој Мадуро предизборно си обезбеди мнозинство, претходно соопшти дека Мадуро обезбедил 51 отсто од гласовите, наспроти 44 отсто за Гонзалес. Притоа, овој резултат беше соопштен по обработени 80% од изборните резултати, односно Советот не ги објави резултатите од секоја од 30.000 гласачки кабини на национално ниво, ветувајќи дека тоа ќе го стори во „наредните часови“, попречувајќи ја можноста за проверка на резултатите.

Ова наиде на сериозна осуда од меѓународната заедница. Франција, Германија, Италија, Шпанија, Холандија, Полска и Португалија бараат од владата на Венецуела „брзо да ги ослободи сите изборни ливчиња“ од контроверзните гласања. Својата поддршка за опозицијата ја изразија и САД. „Со оглед на огромните докази, на Соединетите Држави и, што е најважно, на народот на Венецуела, им е јасно дека Едмундо Гонзалес Урутија освои најмногу гласови на претседателските избори во Венецуела на 28 јули“, е наведено во соопштението на американскиот државен секретар Антони Блинкен.

Изложен на сериозен меѓународен и домашен притисок, Мадуро вети дека ќе ги објави сите гласови од спорните избори. „Се фрлам пред правдата“, им изјави Мадуро на новинарите пред седиштето на Врховниот суд во Каракас, додавајќи дека е „подготвен да биде повикан, испрашуван, истражен“.

Сепак, се чини дека нема да има никакво поместување. Врховниот суд на Венецуела неодамна го потврди изборот на Мадуро, одлука која Мадуро ја нарече „историска“.

Во меѓувреме, тој наложи дека Божиќ годинава во Венецуела ќе се слави на 01 октомври. Критичарите велат дека овој потег има за цел да ги „замачка очите“ на граѓаните и да ги оттргне од контроверзиите поврзани со неговиот реизбор.

Во секој случај, Мадуро останува во контрола на власта, а на граѓаните единствено им останува да се радуваат на раниот Божиќ.

Весна Попоска

(Преземено од Республика)

КОЛУМНИ

Миодраг Врчаковски

Илегална миграција на легален начин!

Сеад Џигал

Стереотипите како бариера за жените кандидатки

Ристо Цицонков

Греење: Не си играјте со децата, може да се разболат

Кристина Пота Радуловиќ

„Ти си пречувствителен/на“ – грижа за нас или агресија и етикетирање?

Ристо Цицонков

Базна електрична енергија да, ама не со слаб кадар и неприменети...

Далибор Ступар

Што се случи со Зелената агенда во Србија?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ