понеделник, 24 февруари 2025

Илон Маск: Ајде да ја урнеме вселенската станица и да одиме на Марс

„Таа ја исполни својата цел. Немаме уште многу корист од неа“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Возбудата во вселенската заедница е голема. Шефот на Спејсекс и советник на Трамп, Илон Маск, на својата платформа Икс порача дека е време Меѓународната вселенска станица (ИСС) да се повлече од орбитата.

„Време е да се започне со подготовките за деорбитирање на вселенската станица. Таа ја исполни својата цел. Придобивките сега се минимални. Ајде да одиме на Марс“, напиша Маск.

На прашањето на американски новинар кога ИСС треба да се повлече од орбитата, Маск на платформата Икс одговори: „Одлуката е на претседателот, но јас препорачувам тоа да биде што е можно поскоро. Предлагам во рок од две години од денес.“ Тоа значи до февруари 2027 година.

НАСА и нејзините партнери – Канадската вселенска агенција, Европската вселенска агенција (ЕСА), Јапонската агенција за вселенско истражување и руската вселенска агенција Роскосмос –почнаа да ја градат орбиталната лабораторија во 1998 година. Во неа на ротирачка основа престојуваа астронаутски екипажи од ноември 2000 година, помагајќи му на човештвото да научи да живее во вселената за да бидеме подобро опремени да пуштиме корени на Месечината и на Марс, пишува Спејс.

На станицата, која покажува знаци на старост, и онака веќе ѝ се наѕира крајот. Партнерите планираат контролирано да ја урнат во 2030 година, користејќи деорбитно летало обезбедено од Спејсекс.

Сите, освен еден од партнерите на ИСС се согласни во овој тајминг: Русија постојано повторува дека сака рано да ја напушти програмата ИСС и моментално е обврзана само до 2028 година – една година откако Маск би сакал да ја урне орбиталната лабораторија.

Ако се остварат плановите на Маск, неговата вселенска компанија, Спејсекс, за две години ќе изврши контролирано отстранување на ИСС од орбитата. Во јуни минатата година американската вселенска агенција НАСА објави дека на Спејсекс му е доделен договор вреден 843 милиони долари за оваа задача. Идејата е дека вселенското летало што допрва треба да биде изградено прво би ја забавило ИСС, така што поголем дел од станицата би се распаднал при влегувањето во атмосферата на Земјата. Сепак, некои делови или остатоци би можеле да паднат на Земјата, но во ненаселени области.

Доколку САД навистина порано се повлечат од ИСС, вселенската станица веројатно нема да може да продолжи да работи, според поранешниот генерален директор на ЕСА Јан Вернер.

„Најголем дел од ИСС е американски, има и руски, јапонски и европски модули. Не можам да замислам дека станицата би можела да функционира без Американците.“

На прашањето колку сериозно треба да се сфати изјавата на Маск за ИСС, поранешниот германски астронаут Улрих Валтер одговара: „Маск тоа го мисли многу сериозно. Но тој само дава препорака. Кога станува збор за такви прашања, тој не ги носи одлуките – тоа е одговорност на Џаред Ајзекмен, кој не може да се изјасни додека Сенатот не го потврди како директор на НАСА. Затоа, според мене, оваа изјава нема да има никакви непосредни последици. Она што ме загрижува е што Маск со ова се обидува да ги унапреди сопствените интереси. Тој отсекогаш сакаше и сака да оди на Марс и сè друго го подредува на тоа“.

Покрај најавите на Маск за затворање на ИСС, негодување предизвикаа и другите негови изјави. Маск неодамна даде интервју за ТВ Фокс, заедно со американскиот претседател Доналд Трамп, и во таа прилика зборуваше за астронаутите на НАСА Сани Вилијамс и Буч Вилмор, кои со месеци чекаат да се вратат од ИСС.

Тие пристигнаа на ИСС во јуни 2024 година со капсулата Старлајнер на Боинг, но капсулата се врати на Земјата празна поради технички проблеми. Тие требаше да останат на ИСС само една недела – но по речиси 9 месеци сѐ уште се таму. Неодамна беше објавено дека Масковиот Спејсекс треба да ги врати на Земјата на 12 март.

Маск тврдеше дека администрацијата на Бајден досега не ги вратила астронаутите од „политички причини“.

Данскиот астронаут Андреас Могенсен му одговори на платформата Икс со зборовите: „Каква лага“ и додаде: „И тоа од некој што се жали на неискреноста на мејнстрим-медиумите“.

Маск возврати: „Вие сте комплетно заостанати. Спејсекс можеше да ги врати уште пред неколку месеци. Тоа ѝ го понудив директно на администрацијата на Бајден, но тие одбија. Враќањето беше одложено од политички причини. Идиот“.

Ако ИСС навистина престане да постои пред 2030 година, се поставува прашањето како ќе се развива понатаму европската мисија со човечки екипаж.

Кога станува збор за програмата „Артемис“, преку која НАСА планира летови со екипаж на Месечината, сѐ уште е нејасно дали таа воопшто ќе се реализира и дали во неа ќе учествуваат европски астронаути.

Поранешниот генерален директор на ЕСА, Јан Вернер, смета дека е време Европа јасно да ги дефинира своите цели: „Во кои области Европа сака да биде активна во иднина? Засега не можеме да извршуваме мисии со екипаж без помош на други земји.“

На прашањето дали Европа би можела да се сврти кон Кина, која веќе испраќа свои астронаути во вселенската станица Тиангонг, Вернер вели: „Кога јас бев генерален директор на ЕСА, на некои астронаути им понудивме курсеви по кинески јазик за да ја задржиме таа можност отворена. Меѓутоа, ако последниве недели и месеци толку многу зборуваме за вредностите, тогаш се поставува прашањето: дали соработката со Кина навистина е во интерес на Европа?“

Поранешниот астронаут Улрих Валтер предлага друга опција: „Индија исто така развива програма со екипаж и ако САД повеќе не ни се партнер, јас би препорачал долгорочна соработка со Индијците“.

Едно е сигурно: Европа нема да има своја ракета или вселенско летало за испраќање астронаути во орбитата во скора иднина. Доколку ИСС биде затворена порано од планираното, иднината на астронаутите на ЕСА може да стане крајно неизвесна.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ