„Владата на денешната седница даде насока на Надзорниот одбор Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловна навигација М-НАВ да ги разреши Фахрудин Хамиди од должноста претседател на Управен одбор и извршен директор во СВН и Љубе Стаменковски од должноста член на УО и извршен директор во СВТ. Владата воедно му препорача на Надзорниот одбор на Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловна навигација М-НАВ за извршни директори во СВН да ги именува Илир Мехмеди и Милан Кораќ“, информираат од Владата.
Секторскиот извршен директор во Македонска навигација (М-НАВ) Љубе Стаменковски претходно поднесе оставка и му даде поддршка на Синдикатот на контролори на летање.
Во одлуката на Владата не се споменува името на третиот директор Хасим Деари.
Смените во раководството на М-НАВ, Владата ги најави по минатонеделниот упад во оваа институција и напад на вработени.
Струковиот синдикат на контролори на летање најави дека од одлуката на Владата ќе зависи дали утре ќе стапат во штрајк со целосно затворање на воздушниот сообраќај, откако претходно натамошното работење го услови со оставки од директорите во М-НАВ или нивно разрешување.