Детален нов инфографик, објавен во понеделникот на третата годишнина од нападот на Украина, идентификува десетици илјади руски војници, наведувајќи ги нивните имиња, датуми на раѓање, датуми на смрт, единици и региони на потекло.
Овие идентитети, често придружени со фотографија, беа собрани на веб-страница за да се формира репродукција на сликата „Апотеоза на војната“, дело на рускиот сликар Василиј Верешчагин, која прикажува пирамида од човечки черепи. Сликата е позната во Русија, изложена е во галеријата Третјаков во Москва.
Веб-страницата овозможува класифицирање на мртвите по регион од каде потекнуваат, воен чин и единица, а исто така е можно да се бара и одредена личност.
Медиазона, веб-страница основана од Пјотр Верзилов, руски опозиционер кој се борел на украинската страна истакнува дека бројката не е конечна, проценувајќи дека за три години можеби биле убиени околу 165.000 руски војници.
Медиазона работи на овој проект со руската служба на Би-би-си и редовно објавува ажуриран извештај за тоа како се идентификуваат смртните случаи.
На прашањето на Франс прес за време на редовниот телефонски брифинг со новинарите, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, не ја коментираше веста, велејќи дека не знаел за тоа. Сепак, тој не негираше.
„Не знам за каква публикација се работи и дали тоа што го објави е точно или не“, рече Песков, додавајќи дека информации за „загубите претрпени за време на специјалната воена операција може да ги даде само Министерството за одбрана“.
Министерството нема објавено извештај од есента 2022 година, кога ја потврди смртта на помалку од 6.000 војници.
Кон крајот на 2024 година, тогашниот американски секретар за одбрана Лојд Остин ја спомена бројката од 700.000 загинати и ранети руски војници.