„Ќе станеме нација на келнери и собарки“ – гласи прогнозата која веќе неколку години наназад мрачно одекнува во Хрватска. Таа е резултат на фактот дека туризмот дефинитивно стана најбрзо растечката хрватска стопанска гранка. Сепак, многу брзо се покажа дека тоа била прилично промашена проценка, и тоа од една едноставна причина: никој не сака да биде келнер или собарка. Поточно, никој од локалното население.
Тие работни места, како и многу други во угостителството, услужните дејности, градежништвото, од оваа година масовно ги пополнува работна сила од Непал, Филипини и други далечни земји, бидејќи изворите на работна сила од соседните региони кои не се во таа мера туристички, како и од околните земји, пред сè од Босна и Херцеговина и Србија, веќе полека пресушија.
Зошто нема поголем интерес на домашното население за работните места во туризмот, иако платите повеќе не се толку мали како минатите години? Постојат три причини. Првата е резултат на повеќедеценискиот пад на наталитетот во Хрватска, па со самото тоа и млада работна сила има сè помалку. Втората е заминувањето во земјите од Европската Унија во чие членство Хрватска е веќе десет години и каде за истите работни места платите се значително поголеми. Третата причина се однесува на една одредена категорија на население на која таквите работни места едноставно не им се исплатат. Тие веќе живеат од туризмот. И тоа сосема пристојно.
Од работници во бродоградилиште, до изнајмувачи на апартмани
Зоран Ѓорѓевиќ од Пула бил работник во сега веќе пропаднатиот бродоградежен гигант Улјаник. Таму работел од 1983 до 1995 година, кога дава отказ во бродоградилиштето. Неговите родители и претходно се бавеле со туризам, а тоа од таа година живее исклучиво од изнајмување апартмани во семејната куќа која ја наследил. Тој и неговото четиричлено семејство.
Пресметката била и повеќе од едноставна. Од една страна, осумчасовна физичка работа во валкано работничко одело за мала плата и негодување на шефот, од друга, изнајмување на 120 квадрати нагорниот дел на семејната куќа со базен за солидни пари и повеќе слободно време за себе и семејството.
„Додека во деведесеттите работев во Улјаник имав плата од околу сто тогашни германски марки месечно. Моите родители за еден месец заработуваа по илјада и пол марки“, наведува Ѓорѓевиќ.
За разлика од деведесеттите години од минатиот век, туристичката сезона се продолжи, па семејството Ѓорѓевиќ сега има гости од први април, па сè до средината на октомври. „Би можеле да изнајмуваме и подолго, но ова ни е сосема доволно“, наведува Зоран Ѓорѓевиќ, или Ѓоле Мацола, како што му гласи уметничкото име во локални рамки познат како тапанар во повеќе рок-бендови. Тој со својата сопруга организирал и неколку хуманитарни акции во својот роден град.
„Нè зарази холандската болест“
Меѓутоа, трендот на незаинтересираност за вработување поради бавењето со туризам не е присутна само кај обичните работници, туку и кај високообразованите. Тоа веќе подолго време го чувствуваат во јавните управи, на пример во Ровињ.
„Еден ден две лица дадоа отказ во јавната управа. За работното место правник мислам дека шест пати распишувавме конкурси. Никој не се јавуваше“, вели градоначалникот Марко Палиага. „Таа неатрактивност на вработувањето во јавната управа е делумно последица на многу високата заработка која се остварува со изнајмување приватно сместување. А високата заработка влече со себе повеќе слободно време и потреба за комоција, патувања и слично. Тоа со постојано вработување едноставно не оди“, додава тој.
Во Ровињ, град со околу 13.000 жители, повеќе од 12.000 станбени единици им се изнајмуваат на туристите. Градоначалникот воедно предупредува на еден специфичен феномен во Хрватска: слабо или никакво оданочување на куќите за одмор.
„Се плаќаат одредени паушали. Немам ништо против тоа, бидејќи тоа му помага на куќниот буџет со неколку илјади евра годишно, но ние од друга страна во Ровињ имаме луѓе кои изнајмуваат по пет, шест, па и десет стана, а за тоа плаќаат многу мал данок“, истакнува градоначалникот.
Тој таквиот тренд го споредува со холандската болест. Станува збор за економски феномен кој своевремено се појави во таа земја, а според кој брзиот развој на една стопанска гранка предизвикува пад во другите сектори. Така поради наглиот развој на претприемништвото и трговијата во Амстердам, каде голем број луѓе поседувале деловен простор, дошло до нагло растење на цените за изнајмување на тие простори. Последица на тоа бил пад на интересот за вработување на пазарот на труд.
Според Палиага, градот Ровињ ќе преземе мерки да се ограничи понатамошното градење. Една од можните мерки во иднина е и намалување на туристичките капацитети.
„Ќе видиме што за тоа ќе каже новиот закон за туризам, кој би требало да овозможи да се лимитираат капацитетите во одредени зони. Сигурен сум дека ние во Ровињ ќе знаеме тоа да го искористиме“, порачува градоначалникот.
„Не е само туризмот виновен“
Социологот Крешимир Кроло, вонреден професор на катедрата за социологија на Универзитетот во Задар, смета дека проблемот со недостигот од кадри во јавната администрација во туристичките региони е многу поширок, односно дека причина за тоа не е само рентачката економија која ја уништува работната етика.
„Проблемот е негативната селекција при вработувањето која се спроведувала со децении, бидејќи многумина добивале работни места преку политички и роднински врски. Исто така, да се цртаат урбанистички планови или бевењето со комунални проблеми – тоа е одговорна работа, а подложна на бројни притисоци на политичари, инвеститори, локални шерифи, па и на јавноста“, објаснува Кроло, додавајќи дека за некого кој сака да работи во својата струка и за јавното добро, таквата атмосфера не е поттикнувачка.
„Сега за среќа јавната управа повеќе не е место на „улебување“, но се создаде нов проблем. Тие работни места повеќе не се лукративни, бидејќи сега и најлошата работа во Ирска повеќе се исплати. Проблемот кулминираше и, ако нешто во догледно време не се смени, состојбата ќе биде сè полоша. Градските управи сè послабо ќе функционираат, а исто ќе биде и во други сектори, како културата и образованието“, истакнува Кроло.
Тој предупредува на уште една негативна последица на туризмот која силно влијае на пазарот на труд и заминувањето на стручната сила надвор од земјата. Тоа е растот на цените на недвижностите. „Да се купи стан во тие региони стана невозможна мисија“, заклучува социологот Крешимир Кроло.