Договорот со чие потпишување министрите ја започнаа билатералната средба во Токио, како што соопшти МНР, преставува основа за унапредување на билатералните односи во повеќе аспекти, пред сѐ во делот на економската соработка и бизнис врските.
Османи на средбата се заблагодарил за долгогодишната и континуирана јапонска помош преку бројни проекти, грантови и донации, што ја вбројува Јапонија меѓу најголемите донатори во Македонија.
„Јапонската помош за Северна Македонија, кумулативно достигнува безмалку половина милијарда долари. Многубројни проекти што се финансирани преку јапонската помош го поттикнуваат нашиот економски и социјален развој: од реконструкција на училишта, подобрување на условите во медицински установи, па сѐ до поддршка за малите и средни претпријатија, зачувување на животната средина – сѐ се тоа области во кои јапонската помош силно придонесува во развојот на земјата”, изјавил Османи.
За време на разговорите биле разгледани и можностите за унапредување на економската соработка и бизнис врските, при што Османи како особено значајна во овој дел ја оценил јапонската Иницијатива за соработка со земјите од Западен Балкан. Дополнително, тој информирал и за одржаната презентацијата на поволностите што земјава ги нуди за странски инвеститори, во рамки на ЏЕТРО бизнис форумот, како и претстојното учество на Македонија на ОСАКА ЕКСПО 2025.
„За нас е особено значајно зајакнувањето на економската соработка и бизнис врските со Јапонија. Имав одлична можност да ја промовирам бизнис климата во Северна Македонија пред голем број јапонски компании од автомобилската индустрија, енергетиката, ИТ секторот и други полиња, кои покажаа интерес за инвестирање во земјава. Воедно, учеството на Северна Македонија на ОСАКА ЕКСПО 2025 ќе придонесе за зголемување на видливоста на нашата земја во Јапонија и ќе отвори можност за остварување на нови бизнис партнерства и за привлекување јапонски инвестиции“, вели Османи.
На средбата заеднбички била осудена руската инвазија во Украина, што првенствено ја нарушува европската безбедносна архитектура, но истовремено подеднакво влијае и врз азискиот континент, Индо – Пацификот и врз целокупниот меѓународен поредок базиран на правила.