среда, 15 јануари 2025

Панамскиот претседател: Нема преговори со Трамп, каналот е наш

Панамскиот претседател Хозе Раул Мулино вчера ја отфрли можноста за преговори со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за контролата над Панамскиот канал, негирајќи дека Кина влијае на управувањето со каналот, пренесува Гардијан.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Мулино, исто така, ја отфрли можноста за намалување на таксите за американските бродови како одговор на заканата на Трамп дека ќе бара контролата над тој клучен воден пат, кој ги поврзува Атлантскиот и Тихиот океан, да се врати во рацете на Вашингтон.

„Немаме за што да разговараме“, рече Мулино на прес-конференција. „Каналот е панамски и им припаѓа на Панамците. Нема можност за отворање какви било преговори, тоа е факт што ја чинеше нашата земја крв, пот и солзи“, додаде тој.

Каналот, кој беше отворен во 1914 година, го изградија САД, но беше предаден на Панама на 31 декември 1999 година според договорите потпишани две децении претходно меѓу тогашниот американски претседател Џими Картер и панамскиот националистички лидер Омар Торијос.

Во саботата, Трамп ги критикуваше, како што рече, смешните давачки за американските бродови кои минуваат низ Панамскиот канал и го привлече вниманието на зголеменото влијание на Кина. „Панама треба да го води каналот, а не Кина или кој било друг“, рече Трамп на својата платформа Трут соушл. „Никогаш, и под никакви околности, нема да дозволиме да падне во погрешни раце“, додаде тој.

Тој, исто така, истакна дека ако Панама не може да обезбеди сигурно, ефикасно и доверливо управување со каналот, тој ќе бара Панамскиот канал да биде вратен на САД во целост и без прашање.

Во средата, Трамп го номинираше комесарот на округот Мајами-Дејд, Кевин Марино Кабрера за амбасадор во Панама. Трамп го опиша Кабрера како силен борец за принципите на Америка на прво место, што според него е клучно за поттикнување на економскиот раст и меѓународните партнерства.

Се проценува дека 5% од глобалниот поморски сообраќај минува низ Панамскиот канал, дозволувајќи им на бродовите кои патуваат меѓу Азија и источниот брег на САД да ја избегнат долгата и опасна рута околу јужниот врв на Јужна Америка. Главен корисник на каналот е САД, со удел од 74% од товарот, а потоа следи Кина со 21%.

Мулино истакна дека таксите за користење на каналот не се одредуваат според каприцот на претседателот или администраторот, туку по долгогодишен јавен и отворен процес. „Апсолутно нема кинеска вмешаност или учество во што било поврзано со Панамскиот канал“, рече Мулино.

Во средата, Трамп на Трут соушл, без докази, напиша дека кинески војници љубезно, но незаконски управуваат со Панамскиот канал. Мулино исто така го негираше тоа тврдење. „Нема кинески војници во каналот, побогу“, заклучи тој.

Панама воспостави дипломатски односи со Кина во 2017 година, откако ги прекина односите со Тајван. Таа одлука беше критикувана за време на првата администрација на Трамп. „Трамп, животно, остави го каналот на мира“, скандираа десетици демонстранти пред американската амбасада во Панама Сити овој вторник и ја запалија сликата на новоизбраниот американски претседател.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ