На презентацијата присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски, кој нагласи дека законот и Уставот мора да бидат почитувани од сите.
„Поминаа времињата на селективна правда. Можеби правдата е спора, но секој кој мисли дека ја изиграл се лаже. На крајот таа секогаш доаѓа и победува. Наша задача е да покажеме дека криминалот е неисплатлив и дека никој нема да биде привилегиран“, изјави Мицкоски.
Тој ги охрабри припадниците на полицијата, нагласувајќи дека нивната одговорност е само кон македонските граѓани и државата.
Министерот Тошковски посочи дека една од најголемите предизвици била затекнатата состојба со издавањето лични документи.
„Ситуацијата беше хаотична, но со натчовечко залагање успеавме да воведеме ред. Никогаш повеќе македонскиот граѓанин нема да биде понижуван со бескрајни редици. Воведовме дигитализација и автоматизација за одржливи решенија“, изјави Тошковски.
Тој истакна дека дигиталната апликација за дозволи за оружје е реалност и дека спроведена е темелна истрага за злоупотреби при издавањето на такви дозволи, при што против десетици вработени во МВР биле поднесени кривични пријави.
За проектот „Безбеден град“, Тошковски истакна дека не станува збор само за техничко решение, туку за визија за безбедна Македонија, со акцент на сообраќајната безбедност и криминалистичките истраги.
„Очекуваме овој проект да ја намали бројката на сообраќајни жртви и да создаде култура на безбедно однесување во сообраќајот. Идејата е овој концепт со време да прерасне во безбедна држава“, додаде министерот.
Тошковски нагласи дека полицијата е ослободена од „стегите на минатото“, посочувајќи повеќе успешни акции како фаќањето на убиецот кај Мавровка за два часа, акциите против корупција во Ново Село, РЕК Битола и правосудството, како и разбивањето на терористичка ќелија во Струга и Гостивар.
„Законот стигнува до секого и ќе стигне до сите кои мислат дека можат да се сокријат. Борбата против корупцијата продолжува со несмалено темпо“, подвлече Тошковски.
Презентацијата се одржа во кино салата „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода, каде беа изложени и полициски опрема и средства, меѓу кои елеци, палки и дронови.