сабота, 30 ноември 2024

Грковска: Само премиерот може да одлучи какви мерки ќе преземе за опоменатите функционери

Објавено на

часот

Сподели

„Доколку некој функционер за иста работа два пати го прекрши Кодексот за добро владеење тогаш ние сме обврзани да го информираме премиерот за тоа. Понатаму тој треба да одлучи за каква мерка ќе се определи. Тој може да му изрече јавна опомена на функционерот, да побара од него оставка или да го разреши“, рече Грковска.

Таа тврди дека без оглед за кого станува збор нејзиниот кабинет одлучува исклучиво врз основа на аргументите, а во однос на механизмот кој им стои на располагање – опомени за функционерите кои го прекршуваат етичкиот кодекс и ја злоупотребуваат својата функција.

Грковска одби да одговори дали има притисоци од страна на некои функционери,

„Од функционерите на кои им е изречена опомена очигледно е дека не нѐ засега многу за кого и за што сме ја изрекле мерката туку дали аргументите укажуваат на тоа дали го прекршиле кодексот или не“, рече Грковска.

Таа посочи дека е дадена препорака секое министерство и секоја институција да има вработен задолжен за кодексот со цел најдобро имплементирање на етичкиот кодекс.

Откако е Грковска на оваа функција опомени им се испратени на првиот вицепремиер Артан Груби, на министерот за надворешни работи Бујар Османи, на претходниот министер за правда Никола Тупанчески како и на генералниот секретар на Владата, Методија Димовски.

Договорот за автопатиштата сепак е таен

Иако побара договорот со Бехтел и Енка за изградба на автопатиштата јавно да биде објавен, сепак Грковска денеска кажа дека договорот има клаузула за тајност.

„Мојата прва изјава за тоа беше дека во принцип не гледам причина да не биде објавен, освен ако има клаузула што би можела да влијае на таквата одлука и дека ќе проверам дали има таква клаузула. Меѓутоа, таква клаузула постои, веднаш беше објавено од премиерот и беше информирана јавноста за постоењето на таква клаузула и дека таа не обврзува во еден дел за таква мерка“, рече Грковска на средбата со новинари.

Нема подобра алатка за борба против корупција од транспарентноста и отчетноста, рече Грковска зборувајќи за Планот за политики за добро владеење за оваа година и за зголемувањето на транспарентноста и отчетноста на институциите.

„Треба да дојдеме до степен на потполна дигитализација на услугите, сите документи и податоци кои ги поседуваат институциите освен оние класифицирани да бидат објавувани јавно. Имаме подготвено и упатство за транспарентност за ги навикнат институциите дека податоците што ги имаат им припаѓаат на граѓаните. Тоа е процес. Дадовме задолжение до сите институции да ни достават список кои се најбараните информации од страна на граѓаните во изминатите две години. Имавме одлична соработка со институциите, посочи Грковска, која додаде дека го координираат делот за нова стратегија за транспарентност јуни 2023 – јуни 2026, а до крај на јуни би требало да има драфт документ што подоцна ќе оди на јавна расправа“, вели Грковска.

Состојбите во судството се загрижувачки

На денешната средба со новинарите, Грковска се осврна и состојбите во правосудството кои ги оцени како загрижувачки.

„Имав остри реакции бидејќи состојбите во правосудниот систем се загрижувачки. Мора да се сменат законите за судски совет, за јавните обвинители…Ќе мора да се заостри МЕРИТ системот според кој се напредува во правосудството. Треба да има посебни критериуми за избор. Ќе треба попрецизно да се утврди што значи тоа истакнат правник при изборот на судии и обвинители“, рече Грковска.

Таа посебно се осврна и на проблемот со спогодување за вина, правен институт кој беше актуелен во изминатиот период и беше користен за спогодување во случаите на поранешното Специјално обвинителство, а во кои им се судеше или уште им се суди на поранешни високи функционери.

Според податоците на кабинетот на Грковска во 2022 година оттаму биле испратени 4 претставки до републичкото Јавно обвинителство, 6 до Советот на јавни обвинители и 14 до Судскиот совет но одговор дали овие правосудни органи постапиле по овие претставки за сега одговор не добиле.

Од другата статистика, кабинетот на Грковска лани до Антикорупциска комисија испратиле 6 иницијативи.

Во 2022 година владиниот кабинет задолжен за добро владеење завел 89 предмети. 67 од нив биле претставки, 13 биле анонимни пријави и 9 барање за податоци.

Кабинетот за добро владеење го воспостави претходниот премиер Зоран Заев. Прв вицепремиер на кабинетот кој тогаш се нарекуваше кабинет за борба против криминалот, одржлив развој и човечки ресурси беше Љупчо Николовски.

                                                                                                                                                Искра Опетческа

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ