сабота, 19 октомври 2024

Грција го презеде претседавањето со ЕУСАИР, приоритет ѝ е проширувањето на ЕУ на Западен Балкан

Грција најави дека за време на своето претседавање со Стратегијата на ЕУ за Јадранскиот и Јонскиот регион (ЕУСАИР) ќе ги поддржи земјите од Западен Балкан за членство во Европската унија, ќе ја штити морската средина, ќе промовира „зелени“ технологии, ќе ги зајакне работните места во поморскиот сектор и ќе се залага за финансирање од ЕУ.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

ЕУСАИР е политичка рамка преку која десет земји на Јадранското и Јонското море и во нивната заднина соработуваат на полето на морето, туризмот, животната средина, инфраструктурната поврзаност и социјалата.

Грција летово го презеде едногодишното претседателство од Хрватска, а вчера на островот Крф ги претстави своите пет приоритети.

„Ќе се залагаме за проширување на Европската унија на Западен Балкан. Грција прва ја препозна потребата од овој процес“, рече Василики Пантелопулу, претставник на грчкото Министерство за економија и финансии.

ЕУСАИР е основан пред 10 години, а негови членки се земјите на ЕУ Хрватска, Грција, Италија и Словенија и нечленките БиХ, Србија, Црна Гора, Македонија, Албанија и Сан Марино. На Крф се собраа претставници на сите земји и на Европската комисија, извршното тело на ЕУ кое има советодавна улога.

За време на своето претседавање, Грција ќе ја „засили дискусијата“ за користењето на парите од фондовите на ЕУ по 2027 година, година кога завршува тековниот финансиски период. Нејзината цел е што повеќе пари со кои се намалуваат разликите меѓу богатите и сиромашните делови на ЕУ да стигнат до Јадранско-јонската област за кофинансирање на проекти.

Овие проекти би можеле да бидат од областа на воведување „зелени“ технологии, развој на вештини и знаења за поморството и заштита на животната средина.

„Во интерес на сите земји е да соработуваат бидејќи во оваа област се чувствуваат нарушувањата предизвикани од енергетската криза, климатските промени, загадувањето на морето и демографските проблеми“, изјави државниот секретар на грчкото Министерство за надворешни работи Димитрис Скалкос. Тој изјави дека хрватското претседавање било „успешно“ и дека Грција ќе го искористи своето претходно искуство бидејќи веќе еднаш претседавала со ЕУСАИР.

Грција го презема водството во време кога се формира нова Европска комисија и допрва треба да се избере нов комесар за фондовите на ЕУ. Исто така, во моментот кога треба да стапи на сила новиот ревидиран акциски план за имплементација на ЕУСАИР.

„Тој план, кој ќе биде воведен до крајот на годината, треба да ја направи поконкретна имплементацијата на целите на ЕУСАИР“, изјави претставникот на Европската комисија Жил Кител.

Еден дел од изменетиот план се однесува на проширувањето на ЕУ на Западен Балкан. Преку ЕУСАИР, ЕУ обезбедува стабилност на своите граници, а во исто време ги подготвува земјите кандидати за членство во Европската Унија.

Во изменетиот план за имплементација на јадранско-јонската иницијатива официјално ќе се споменува и социјалната помош, која е нов „столб“ поврзан со морето, туризмот, животната средина и инфраструктурната поврзаност. Социјалниот столб става акцент на младите, демографијата и пазарот на труд, со кои ЕУСАИР ќе се занимава за време на грчкото претседателство.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ