На протестот повика здружената новосадска опозиција, чии советници се обидоа да влезат во зградата на парламентот, но беа грубо физички оттурнати од полицијата.
Потоа на местото пристигнале сили од жандармеријата и поставиле кордон на местото каде што била металната ограда, која граѓаните ја отстраниле.
За тоа време, советниците на владејачкото мнозинство почнаа да одржуваат седница во зградата на која требаше да се избере нов градоначалник, кој ќе го замени Милан Ѓуриќ, кој поднесе оставка од таа функција откако насилници на СНС претепаа студенти и ѝ скршија вилица на една студентка.
Опозициските претставници претходно изјавија дека кандидатот за нов градоначалник Жарко Миќин е личност „недостојна“ за функцијата.
„Власта се обидува против волјата на мнозинството граѓани да избере нов градоначалник и да ја претстави состојбата во градот и државата како да е нормализирана, како да не постојат протести и како никој да не е виновен за смртта на 15 лица во Нови Сад“, соопштија од опозицијата.
Репортерот на агенцијата Бета претходно јави дека голем број полицајци од рано изутринава се во градското собрание на Нови Сад и на Собранието на автономната покраина Војводина, кое се наоѓа преку улицата.
Полицијата со опрема за немири, штитови и шлемови и полициски кучиња пристигна со автобуси и многубројни „марици“.
Полицијата е постојано присутна на последните неколку собраниски седници, од 1 ноември кога се случи трагедија на Железничката станица во Нови Сад, во која загинаа 15 лица, а двајца беа тешко повредени.
Оттогаш, собраниските седници се проследени со протести, поради што владејачкото мнозинство секогаш има асистенција од полицијата.
Околу зградата на градскиот совет во Нови Сад вчера беше поставена метална ограда.