петок, 15 ноември 2024
Правосудна „војна“ за бунгаловите во Леуново

Градоначалникот Медат Куртовски доби кривична пријава, тргнал ама не стасал кај обвинител оти му го удриле автомобилот, ќе оди друг пат

Го повикале во Основното јавно обвинителство Гостивар, но не успаел да стаса бидејќи му го удриле автомобилот. Градоначалникот на општина Маврово и Ростуше, Медат Куртовски против кого има поднесено кривична пријава поврзана со бесправно изградени објекти тврди дека не стасал кај обвинител кога бил повикан, бидејќи се случила сообраќајка со неговиот автомобил, а на повикот ќе се јави дополнително. Кривичната пријава следи по една ослободителна и една осудителна пресуда за ист предмет, а е иницирана од Шериф Рамука од Косово, поврзан со случајот со бунгаловите во Леуново.

Објавено на

часот

Сподели

Еден ист случај, две сосема различни пресуди, а на крајот и нова кривична пријава. Предметот за бесправно изградените бунгалови во Леуново, близу езерото почна со ослободителната пресуда, па продолжи со осудителна донесена пред неколку дена, а од неодамна овие бунгалови се причина за кривична пријава против градоначалникот на Маврово и Ростуше, Медад Куртовски.

Во случајот со изградбата на бунгаловите им се судеше на татко и ќерката од Косово, Шериф Рамука и Блерта Рамука, и двајцата од Косово, како и на правното лице „Радика резорт“ ДООЕЛ увоз извоз. Во првата постапка, судијката Емине Мурати (тогаш, во 2022 година во Основниот суд во Гостивар, а сега од оваа година во Апелацискиот суд во Гостивар), ги ослободи од кривична одговорност за членот 244 од Кривичниот законик  со образложение дека не се докажало дека обвинетите го сториле кривичното дело, бессправно градење. По ова пресудата беше укината од Апелацискиот суд Гостивар со дадени насоки дека треба да се изведат сите докази, и тие повторно да се анализираат и ценат. Две години потоа, односно на почетокот на овој месец судијката Виолета Нофитоска од гостиварскиот првостепен суд утврди дека бунгаловите се бесправно изградени и им изрече условни казни на таткото и ќерката, а парична казна на правното лице „Радика резорт“ ДООЕЛ увоз извоз.

По пресудата, неправосилно осудениот Шериф Рамука преку неговиот законски застапник одлучил да поднесе кривична пријава против градоначалникот Куртовски до Основното јавно обвинителство Гостивар.

Оттаму за МКД.мк изјавија дека кривичната пријава е примена, градоначалникот е повикан од обвинител и се преземаат одредени мерки за да се утврдат обвинувањата во пријавата.

Детали околу тоа за кое кривично дело е пријавата и што има во неа од Обвинителството не соопштуваат. Според наши неофицијални информации, се работи за поткуп кој Рамука му го дал на Куртовски за да ме му бидат одземени бунгаловите, но бидејќи со втората пресуда тој е осуден и бунгаловите се одземени, тој поднел кривична пријава.

„Има примено кривична пријава која е поднесена од законски застапник на лицето за кое прашувате (Шериф Рамука). По пријавата се постапува, а градоначалникот е повикан кај нас. Не можеме да споделиме за што е пријавата бидејќи се преземаат дејствија за да можеме да ги утврдиме наводите дадени во истата“, одговорија за МКД.мк од Обвинителството.

Во изјава за МКД.мк градоначалникот Куртовски вели дека знае за кривичната пријава, бил повикан, тргнал ама не стасал до Обвинителството бидејќи му се случила незгода односно му го удриле возилото.

„Да знам за кривичната пријава, еднаш бев повикан, не го знам точниот датум. Тргнав и баш кога одев натаму ми го удрија автомобилот и сега треба дополнително да одам“, ни изјави Куртовски.

На нашето прашање дали го познава Рамука и дали можеби се работи за пријава за злоупотреба на службената положба или поткуп, тој додава дека пријавата можеби е за злоупотреба бидејќи како што тврди, поткуп немало, а Рамука не се сеќава дека бил кај него во канцеларија.

„Не сум ја видел пријавата, но претпоставувам дека е за злоупотреба на службената положба, бидејќи поткуп нема. Не го познавам Шериф Рамука и не се сеќавам дека бил во општина кај нас. За бунгаловите знам дека имаше донесено решение да се срушат, но таа одлука не се спроведе, бидејќи не најдовме фирма за рушење и остана тоа така. За понатаму не знам,“додава за МКД.мк Медат Куртовски.

Не знаеше и дека за Рамука сега има осудителна пресуда, по претходно добиената ослободителна.

Правното лице „Радика резорт“ ДООЕЛ увоз извоз треба да плати 400.000 денари казна, а Шериф Рамука доби алтернативна мерка, условна пресуда според која тој во период од пет години не треба да стори ново кривично дело, во спротивно ќе помине две години во затвор. Неговата ќерка, Блерта Рамука исто така доби условна казна, со тоа што, според одлуката, таа треба во период од четири години да не неправи ново кривично дело, инаку ќе треба да оди во затвор.  Во текот на судската постапка било утврдено дека бунгаловите се изградени без добиена дозвола и се одземени во корист на државата.

Обвинетите во текот на постапкаа кажаа дека не чувствуваат вина за овој случај и побараа да бидат ослободени од обвинение.

За кривична пријава против Куртовски и за текот на постапката, како и за тоа дали против него ќе има истрага Обвинителството ќе одлучи, а ние ќе ја информираме јавноста откако градоначалникот на Маврово и Ростуше ќе отиде, ќе даде изјава и ќе се проверат наводите кои се дадени од двете страни.

К.Д.

 

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ