„75 отсто од сопствениците на имотите во Скопје не плаќаат данок на имот затоа што Агенцијата за катастар на недвижности не ни ги дава податоците без да платиме пари. Ако сакаме да ги преземеме податоците треба да платиме два милиони евра“, вели Арсовска.
Од Агенцијата за катастар на недвижности пак велат дека согласно законските одредби за користење и увид на податоците од Геодетско катастарскиот информационен систем (ГКИС) ГКИС мора да се плаќа надоместок и дека Катастарот е законски ограничен да ги дава сите податоци за сопственоста на имотите.
„Агенцијата за катастар на недвижности според Законот за заштита на лични податоци не може да издава списоци во кои е содржан ЕМБС и ЕМБГ. За редовно усогласување на состојбата на регистарот на недвижен имот кој подлежи на оданочување, а кој го водат општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, Агенцијата за катастар на недвижности врз основа на доставено барање и соодветно платен надоместок за издавање на податоци од ГКИС, согласно законските одредби, ќе ги достави податоците за недвижностите кои се запишани во катастарот на недвижности. Агенцијата за катастар на недвижности, минатата година за потребите на ЗЕЛС ги намали цените за 60 отсто, за да се олесни наплатата на ДДВ“, велат од Катастар.
Освен Град Скопје и сите други општини се соочуваат со истиот проблем, вели градоначалникот на Кисела Вода и претседател на Заедницата на единици на локалната самоуправа (ЗЕЛС), Орце Ѓорѓиевски. Но тој прашува зошто обврската на плаќање важи само за некои, а не за сите институции.
„Катастарот е должен еднаш годишно да ги вкрстува податоците со општините и таа услуга се плаќа. Но прашањето е зошто општините мора да плаќаат а некои институции, како што е Централниот регистар, на пример, не плаќаат за оваа услуга. Ние како ЗЕЛС неколку пати сме испратиле допис до Владата по ова прашање “, вели за МКД.мк, претседателот на ЗЕЛС, градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Но од Град Скопје се сомневаат дека нецелосната достапност на податоците за сопственоста на имотите крие нешто многу повеќе.
„Со овие податоци единствено располага Катастарот, а возможно е недостапноста на истите до општините да е поради тоа што доколку податоците се дадат, имотната состојба на бројни правни и физички лица кои по доставување на овие податоци до општините повеќе не би имале можност да се кријат и имотите да не бидат пренесени на вистинските сопственици, со што ќе бидат познати и оданочени како и сите останати граѓани. Тоа се податоци кои единствено Kатастарот ги има, а кои во согласност со Закон и обврската за прибирање даноци би требало да ги сподели со општините, со цел праведно и правично оданочување. Од оваа причина само 25% од даночните обврзници се во систем и за нив важат обврски и глоби, додека сите вклучително и тие кои не се евидентирани ги користат привилегиите од услугите кои се користат од општините“, велат за МКД.мк од Град Скопје.
Според истражувањето на Граѓанскиот центар за комуникации од 2021 година, гледано на ниво на општини, просечната годишна вредност на наплатениот данок на имот се движи од 141.613.965 денари (2,3 милиони евра) во Општина Центар, до нула денари во Арачиново, каде воопшто и не издаваат решенија за наплата на данок на имот со образложение дека немаат база на податоци на даночни обврзници, ниту даночно одделение.
Само 7 општини имаат просечни годишни приходи од данок на имот кои се поголеми од 1 милион евра, а во дури 36 општини овие приходи се помали од 50.000 евра.
Десетте градски скопски општини заедно, прибираат просечно годишно по 627 милиони денари, односно 10 милиони евра. Ова значи дека половина од вкупниот данок на имот во земјава се прибира во Скопје. Скопските општини ги делат приходите од данокот на имот со Градот Скопје, согласно донесените одлуки за утврдување на стапките на даноците на имот.
Фото: П.Џ.