понеделник, 10 март 2025

Град Скопје: Фатени на дело камиони како истураат отпад на дива депонија во Драчево

Инспекторите на Град Скопје при вонреден инспекциски надзор во околината на населбата Драчево, на улицата Јустинијан, затекнале камиони како истураат огромни количини отпад на приватна дива депонија, лоцирана на границата меѓу општините Кисела Вода и Студеничани. Според Град Скопје, станува збор за нелегална депонија со површина од 5.000 квадратни метри на приватен имот.

Објавено на

часот

Сподели

„При вонредната контрола, инспекторите ја затекнаа фирмата ГО-ИВА Бетон како со тешки товарни возила исфрла отпад, што претставува директно кршење на Законот за управување со отпад и Законот за заштита на животната средина. Повторно сме сведоци како некој, свесно и за профит, го труе населението. По неколкудневно следење, сторителите беа фатени на лице место,“ велат од Град Скопје.

Градските инспектори, како што посочуваат од Град Скопје, ќе продолжат со засилен 24-часовен надзор на терен за намалување на аерозагадувањето и заштита на животната средина.

„Неселективно се изрекуваат казни за сите што не го почитуваат законот. Континуирано поднесуваме кривични пријави за исфрлање и согорување опасен отпад, меѓу кои и азбестни плочи и друг градежен отпад со потенцијално канцерогени својства,“ додаваат од институцијата.

Од Град Скопје нагласуваат дека покрај нивниот Инспекторат, во надзорот и контролата на загадувањето на животната средина во Скопје имаат надлежност уште 14 институции.

„Досега, единствено Градот Скопје реагира, додека останатите институции не преземаат мерки, иако имаат законска обврска,“ посочуваат од Град Скопје.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ