среда, 23 октомври 2024
МНР предложи, Владата прифати, Пендаровски потпиша

Горан Цеков не е повеќе амбасадор на Македонија во Јапонија

Објавено на

часот

Сподели

„Согласно законските надлежности и интерните процедури, Комисиjата во рамки на Министерството за надворешни работи му препорача на министерот за надворешни работи, да ѝ предложи на Владата повлекување на досегашниот амбасадор на Република Северна Македонија во Јапонија, врз основа на член 3 од Уредбата за утврдување на работи кои се сметаат како незадоволителни резултати и работи со кои им се причинува штета на интересите на државата во работата на амбасадорот“, појаснуваат од МНР.

МНР утврдила дека Цеков ги прекршил правилата за работа на дипломатски претставник и вработен во министерството за надворешни работи.  Дадени му се 5 дена да замине од Токио за да го одјави службениот стан и да си организира транспорт на покуќнината до Скопје.

Од МНР не ги откриваат причините за отповикувањето на Цеков но според информации на МКД.мк станува збор за пријава на две жени, едната вработена другата хонорарно ангажирана во амбасадата на Македонија во Јапонија поради сексуално вознемирување.

МКД.мк уште на почетокот на јуни испрати прашања до МНР за скандалот со амбасадорот Цеков. Одговорите стигнаа дури денеска на прес конференција на министерот Османи.

Амбасадорот Горан Цеков од 1996 година е кариерен дипломат во Министерството за надоворешни работи. Бил на служба во Мисијата при НАТО во Брисел од 2003 до 2007, од 2010 до 2014 во Амбасадата во Осло, Норвешка, а во 2019 беше в.д. шеф на Мисијата во НАТО во Брисел. 

Цеков е вториот македонски амбасадор во Јапонија, првата беше Андријана Цветковиќ. Цеков, му ги предаде оригиналите на акредитивните писма на царот Нарухито пред две години, со што официјално ја презеде функцијата вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Македонија во Јапонија. Османи на 13 март му го врачи акредитивното писмо на Цеков кој беше дел од втората група на назначени амбасадори. Тој е син на Јордан Цеков-Дане, учесник во Народноослободителната борба од 1941, командант на Третата македонска ударна бригада со која на 13 ноември 1944 учествувал во ослободувањето на Скопје, кој почина во 2020 година на 98 години.

 

 
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ