сабота, 26 октомври 2024

Големо реми за Македонија против моќната Англија (ВИДЕО)

Македонската фудбалска репрезентација со реми против Англија го заокружи квалификацискиот циклус, ја вративме гордоста и покажавме дека мечот на Олд Трафорд не беше реална слика, натпреварот во Скопје заврши 1-1.
 

Објавено на

часот

Сподели

Македонската репрезентација одигра одличен меч и го сопре силниот противник, Англија во своето трето гостување во Скопје првпат дома се враќа без победа.

Натпреварот почна со иницијатива на Англија, гостите играа на нашата половина, а првиот конкретен обид го имаа преку Деклан Рајс кој биеше од далечина и ја погоди стативата од голот на Димитриевски.

Нападите на Англичаните претежно беа јалови, без конкретност во нив. Македонија тешко доаѓаше до голот на противникот. Но во финишот од првиот дел Миовски доби удар со лакт од дебитантот Рико Луис, судијата откако ја прегледа снимката покажа на белата точка за нашата репрезентација. Барди го изведе пеналот, ударот го одби Пикфорд, но одбиената топка дојде до македонскиот фудбалер кој овојпат не погреши, даде гол за водство од 1-0.

Откако прими гол Англија почна поагресивно да напаѓа, во судиското продолжение од првото полувреме се обидоа Луис и Арнолд од далечина, но Димитриевски беше поуспешен и од двајцата. Македонија со водство од 1-0 замина на одморот.

Со почетокот на вториот дел тргна лавина напади на Англија, по една минута игра Грилиш постигна гол по асистенција на Сака, но ВАР го поништи погодокот поради офсајд.

Во 58. минута Саутгејт го пушти Кејн во игра, а напаѓачот на Баерн Минхен со својот прв допир на топката го изедначи резултатот на 1-1. Фоден нафрли од корнер, а Кејн со глава реализираше за Англија.

Гостите се обидуваа да го свртат мечот, но Македонија одлично се бранеше и не им дозволуваше на Англичаните да креираат многу шанси. Следниот конкретен обид го имаа во 82. минута кога Мегваер биеше со глава, но тоа беше лесен плен за македонскиот голман.

Македонија имаше шанса преку Серафимов во 88. минута, македонскиот дефанзивец биеше со глава, но за малку над пречката на Пикфорд.

До крајот успешно се одбранивме, Англија не ни создаде големи потешкотии, момците на Благоја Милевски се изборија за заслужено реми.

Со овој меч се заокружи уште еден квалификациски циклус на македонската репрезентација, завршивме со осум освоени бода, две победи, две нерешени и четири порази.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ