вторник, 22 октомври 2024

Гир: Ако не Македонија, тогаш други ќе ја искористат шансата за влез во ЕУ

Објавено на

часот

Сподели

„Уставните промени се голем проблем. Суверенитетско прашање е за државата. Но мислам дека неколку елементи ќе бидат особено важни и ќе треба да се земат предвид штом ќе се објави предлогот и ќе стане достапен за јавноста. Ќе почнам со уставните промени. Мислам дека пред сѐ тука се клучни тајмингот и контекстот. Лани во јули ги почнавме пристапните преговори со Северна Македонија. Засега процесот се одвива добро. Скринингот е во тек, тимовите се добро организирани и гледам позитивни промени. Постои залет. Но постои еден поширок контекст како резултат, за жал, на војната на Русија против Украина. Има залет за проширувањето и сите сега ја разбираат сериозноста на интересот за напредување во процесот на проширувањето на ЕУ. Мислам дека сега има голема шанса. Во овој миг вратата е отворена доколку се воведат уставните промени. Така државата ќе премине на следниот чекор“, рече Гир во емисијата „Клик плус“ на ТВ21.

Според него, се работи за суверенитетско прашање и посочи оти Македонија има голема шанса која не треба да се пропушти.

„Инаку нема да има напредок. Секако, важно ќе биде народот да прочита што ќе пишува во текстот и да се фокусира на тоа. Изгледа дека постојат начини за да се вклучат во Уставот и луѓето кои се декларираат како Бугари. Веќе имате добри меѓуетнички односи. Ова само ќе ги зацврсти. Може да се каже дека со дела ќе го потврдите тоа што го зборувате“, порача Гир.

На прашањето околу тоа што доколку не се направат уставните измени, Гир вели дека тоа значи дека ќе ја пропуштиме шансата, која други ќе ја искористат.

„Постои залет. Залетот во политиката и дипломатијата е нешто што не се занемарува. Тоа е посебен миг. Ако напредувате, ќе го искористите залетот и ќе ги искористите шансите кои ви се укажуваат за да напреднете на патот кон ЕУ. Сега мора државата да се фокусира на големите реформи кои мора да ги воведе. Што ако државата не го направи тој чекор и одлучи да не ги воведе уставните промени? Тогаш процесот ќе биде во застој, скринингот ќе прекине и преговорите нема да напредуваат. Тоа ќе значи дека сте ја пропуштиле шансата, но некои други ќе ја искористат и ќе ѝ се приклучат на ЕУ“, рече амбасадорот Гир.

Според него, Парламентот треба да се фокусира на аргументите, да ја види пошироката слика и да донесе одлука.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ