Одговарајќи на објавата на германското министерство за надворешни работи во која се тврди дека антивладините активисти во Србија се соочени со напади и клевети, српското министерство за надворешни работи одговори: „Србија очекува од сите свои партнери, вклучувајќи ја Германија, на таквите работи да им пристапат со должна почит кон суверенитетот и демократските институции на Србија“.
Во соопштението се истакнува дека Србија, како земја кандидат за членство во Европската Унија, останува посветена на исполнувањето на своите обврски, „но очекува и коректност и меѓусебно уважување во дискурсот за овие важни прашања“.
„Србија останува целосно посветена на поддршката на демократските вредности, владеењето на правото и заштитата на човековите права, како основни принципи на нашето општество и нашиот европски пат. Србија има жива и разновидна политичка и медиумска сцена во која различните мислења можат слободно да се изразуваат“, се истакнува во одговорот на српското министерство за надворешни работи.