петок, 18 октомври 2024

Генералштабот на Војската на Србија предложи повторно воведување на задолжителен воен рок

Генералштабот на Војската на Србија покрена иницијатива и му предложи на претседателот на Републиката Александар Вучиќ повторно воведување на обврската за отслужување воен рок во траење до четири месеци, соопшти Министерството за одбрана.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тоа, како што се наведува, е направено „со цел да се зголемат одбранбените способности на Војската на Србија, преку подмладување и подобрување на пополнувањето и обуката на активниот и резервниот состав“, пренесува Н1.

„Предлогот на Генералштабот на Војската на Србија доаѓа по детално разгледување на општата безбедносна ситуација и современите предизвици со кои се соочува Србија како воено неутрална земја, што ја наметна потребата од прилагодување на моделот на пополнување на Војската, што ќе овозможи зајакнување на севкупниот регрутен потенцијал и обука на поголем број граѓани за одбрана на нашата држава“, се наведува во соопштението.

Претходно, министерот за одбрана Милош Вучевиќ најави отпочнување на собраниска процедура за укинување на одлуката за суспендирање на задолжителниот воен рок и ревизија на законот со кој се регулира оваа обврска.

Вучевиќ за телевизијата Хепи изјави дека иницијативата се покренува врз основа на проценка на безбедносната состојба во земјата и дека многу европски земји повторно ја активираат обврската за служење војска.

Тој изјави дека 13 години немало задолжителен воен рок и дека Војската „сега има потреба да го пополни резервниот состав“.

„Имаме 13 генерации каде немаше задолжителен воен рок, 13 генерации излегоа од резервниот состав на Војската на Србија. Нашите одбранбени и безбедносни потреби се да имаме нови регрути, нови обврзници и нов состав, кој секогаш е подготвен да ја чува државата. Тоа не значи дека се подготвуваме за конфликти или дека некоја војна е на хоризонтот“, рече Вучевиќ.

Во Србија, задолжителниот воен рок беше укинат на 1 јануари 2011 година, оттогаш во војска одат само оние кои доброволно сакаат.

Темата за повторно воведување на задолжителен воен рок не е нова во изјавите на функционерите.

Српскиот претседател Александар Вучиќ ја најави во 2022 година, а една година претходно за тоа зборуваше и тогашниот министер за одбрана Небојша Стефановиќ.

Српски функционери во своите изјави нагласуваат дека Србија нема намера и нема да има намера да влезе во НАТО.

Србија е ретка земја на Западен Балкан која не сака да се приклучи на тој воен блок.

Во случај актуелната влада да одлучи да го врати воениот рок во редовните рамки, Србија ќе биде меѓу ретките земји во Европа, како Шведска, Литванија или Грузија, кои ја укинаа оваа обврска, а потоа повторно ја воведоа.

Европските земји кои не го укинаа задолжителниот воен рок се Швајцарија, Норвешка, Данска, Финска, Австрија, Турција, Естонија, Русија, Белорусија, Украина, Грција и Кипар.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ