недела, 20 октомври 2024

Генерал на НАТО: „Русите учат, на крајот на војната ќе бидат посилни од денес“

Генералот Кристофер Каволи, врховниот командант на сојузничките сили на НАТО во Европа, е уверен дека, без оглед како ќе заврши конфликтот во Украина, руската војска ќе биде посилна од денес.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тој предупреди дека, и покрај големите жртви во војната со Украина, руската војска ќе стане смртоносен непријател за НАТО. „На крајот на војната во Украина, како и да изгледа тоа, руската војска ќе биде посилна од денес“, изјави Каволи за Шпигл.

„Руските оружени сили учат, се усовршуваат, го применуваат искуството стекнато во војната“, истакна тој. Го повика НАТО брзо да се подготви за оваа закана бидејќи, според него, Русија ќе биде непријател со сериозен воен потенцијал и „јасни намери“.

„Затоа мораме да бидеме спремни и ни требаат оружени сили кои тоа можат да го издржат“, напомена тој. Смета дека новите одбранбени планови, како и зголемените обврски за одделни членки на НАТО кои произлегуваат од нив, треба брзо да се спроведуваат.

„Кога велам брзо, мислам дека мораме да бидеме побрзи од Русите“, објасни Каволи.

Оваа изјава доаѓа само неколку дека откако Бруно Кал, шефот на германската контраразузнавачка служба, соопшти дека Русија до крајот на деценијата ќе стекне способност да почне напад на НАТО. „Најдоцна до крајот на оваа деценија руските сили ќе можат да го нападнат НАТО“, изјави Кал на сослушувањето во парламентарниот одбор на Бундестагот.

„Кремљ ја гледа Германија како непријател“, оцени тој, истакнувајќи дека Германија е втората земја со најголема помош за Киев.

„Ние сме во директен конфликт со Русија“, кажа тој. Кал смета дека рускиот претседател Владимир Путин е загрижен не само поради Украина туку и поради „создавањето нов светски поредок“, а руските разузнавачки служби сè повеќе ги користат своите средства „без грижа на совест“.

„Понатамошната ескалација на ситуацијата е сè повеќе веројатна“, кажа Кал и додаде дека политичарите мораат на германските безбедносни служби да им обезбедат средства и овластувања за да се спротивстават на тие ризици.

Од почетокот на конфликтот во февруари 2022 руските сили во септември оваа година најбрзо напредуваа на фронтот. Во последните недели руските сили опколија низа градови во Доњецк и потоа полека го стегаа обрачот, присилувајќи ги украинските сили на повлекување.

Русија во моментов контролира 80 отсто од Донбас и напредува на боиштето кај тактички важните центри Покровск и Курахово.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ