среда, 26 февруари 2025

ФТ: Киев се согласи со Трамповиот договор за минералите

Наводно, со договорот САД добиваат половина од приходите од индустријата, но не се кажува ништо за безбедносните гаранции.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Киев се согласи на ублажена верзија на претходното барање на американскиот претседател Доналд Трамп за пристап на САД до украинските минерални ресурси во вредност од стотици милијарди долари, објави денеска Фајненшл тајмс.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски може да ја посети Белата куќа во следните недели на церемонијата на потпишување со Трамп, се вели во написот. Претставници на Киев рекле за весникот дека украинските министри за правда, економија и надворешни работи го одобриле договорот.

Киев се надева дека договорот за заедничко истражување на ресурсите ќе ги подобри односите со администрацијата на Трамп.

Иако во текстот недостигаат експлицитни безбедносни гаранции, официјалните лица тврдат дека преговарале за многу поповолни услови и го опишаа договорот како начин за проширување на односите со САД за да се зајакнат шансите на Украина по три години војна, вели ФТ. „Договорот за минерали е само дел од сликата. Слушнавме повеќе пати од американската администрација дека тоа е дел од една поголема слика“, рекла за Фајненшл тајмс Олха Стефанишина, заменик-премиерка и министерка за правда на Украина, која ги водеше преговорите.

Според конечната верзија на договорот, која ја видел ФТ, од 24 февруари, ќе се формира фонд во кој Украина ќе учествува со 50 отсто од приходите од „идната монетизација“ на државните минерални ресурси, вклучително и нафтата и гасот и поврзаната логистика. Фондот ќе инвестира во проекти во Украина. Во него се исклучени минералните ресурси што веќе придонесуваат во касата на украинската влада, што значи дека тој нема да ги опфати постојните активности на Нафтогаз или Укрнафта, најголемите производители на гас и нафта во Украина.

Сепак, во договорот не се споменати американски безбедносни гаранции, на кои Киев првично инсистираше за да се согласи со договорот. Исто така, не се знае големината на американскиот удел во фондот и условите за зделките за „заедничка сопственост“, суштински прашања што ќе бидат решавани во идните договори, вели ФТ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ