Во апелот објавен на социјалните мрежи, студентите повикуваат во петок „да не се оди на работа, да не се оди во шопинг, да не се оди во ресторани“.
Уривањето на бетонската стреа на железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 15 луѓе, го предизвика најголемото движење на незадоволство кое земјата го видела со години, оценува АФП.
Демонстрантите, кои во десетици илјади се собраа повеќе пати во Белград, несреќата ја гледаат како последица на корупцијата: железничката станица беше тукушто реновирана, а зделката од повеќе милиони евра ѝ беше доделена на кинеска, унгарска и француска компанија.
„Корупцијата убива“, порачуваат демонстрантите, истакнувајќи на транспарентите крвави раце кои станаа симбол на протестите.
Меѓу барањата на демонстрантите се објавување на сите документи и договори кои се однесуваат на реновирањето на станицата, зголемување на буџетот за универзитетите, прекин на нападите на демонстрантите и целосна транспарентност на истрагата за несреќата во Нови Сад.
На Инстаграм студентите повикуваат на генерален штрајк и бараат од вработените да не одат на работа во петок, да разговараат со колегите и да организираат прекин на работата, или, доколку се плашат од работодавецот, да земат слободен ден, пренесува Франс прес.
Исто така, советуваат да не се оди во кафулиња и ресторани, да не се нарачува храна за достава, и да се избегнуваат спортските сали.
„Да ја земеме слободата во свои раце! Вашето учество прави разлика“, се наведува во повикот на штрајк и граѓанска непослушност.
За владата соочена со сè поголем притисок изгледа е време за организирање контрамитинг, пишува Франс прес истакнувајќи дека српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ на конференција за новинарите во Австралија им пружи поддршка на студентите.
Претседателот на Србија Александар Вучиќ организира голем собир во петок во Јагодина и сè почесто зборува за странски агенти кои наводно стојат зад студентското движење, пишува АФП.