Буџетскиот дефицит често го надминува поставеното правило од 3 отсто, особено со ребалансот, што покажува слабости во планирањето. За добро планирање, неопходни се јасни податоци за трошоците и расходите од сите институции. Без структурни реформи не може да очекуваме економски раст поголем од 2.5 проценти. МФ, веќе планира воведување на национална класификација и измени на Законот за буџети, во насока на цетрализиран систем на инвестирање.
Ова беше порачано на настанот „Фискалната политика на крстопат: Патот кон стабилност и одржливи јавни финансии“, во организација на Фискалниот совет на Македонија и Finance Think.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, на панелот „Фискалните правила и ефективна фискална политика“, го отвори прашањето, дали анализираме реални бројки и неопходноста на, како што рече, точно регистрирање на сите плаќања и трошоци, за да имаме добра подготвеност на националните класификации на Буџетот и правилни и вистински бројки за да можеме да планираме.
Втор момент е што во дадени години имаме надминување на дадениот лимит од 3 проценти на буџетскиот дефицит.
„ Ние сме држава во развој. Не е страшно ако се пробие лимитот од 3 проценти. Не е проблемот дали сме потрошиле за нешто повеќе, но за што сме ги потрошиле. Лично, сметам дека кога се трошеше за Скопје 2014 беа непотребни“, изјави Димитриеска-Кочоска.
Според Димитриеска-Кочоска, ние имаме сериозен проблем со институциите во делот на разбирање на финансиите. Кога се правел буџетот за 2025 година, посочи министерката, имале проблем со многу од институците и затоа и ја започнале Академијата за финансиска политика.
„ Сметаме дека е потребна дополнителна обука на сите институции во делот на финансиите. Замислете 30 години ние така функционираме, а за мене е најголем проблем, изјави Кочоска.
Друг проблем, нагласи таа, се социјалните исплати преку МТСП и Агенција за вработување.
„ Работиме на имплементација на софтвер за овој проблем. Паралелно со тоа работи и Агенцијата, на детектирање на тие лица и нивна преквалификација. Исто е со земјоделието. Тој што сака да работи земјоделство да работи и да добие поддршка, а тој што сала да се крие зад социјалната помош, да биде префрлен во социјала. Мора работите да ги решаваме од корен“, изјави Димитриеска Кочоска.
Министерството за финансии, нагласи министерката, ќе иницира измена на Законот за буџети, посочувајќи дека не може повеќе министрите сами да одлучуваат во што ќе инвестираат, и тоа треба да биде посистемски. Одлучивме за на нов сектор за следење на јавните инвестиции.
„ Ние имавме период на потпишување на колективни договори, кои сега се рак-рана на буџетот. Сакаме да бидеме економија како САД, а да се однесуваме така што ќе имаме постојан пад на продуктивноста. Нам во 2025 ни е најголем предизвик да го решиме овој проблем. Треба да се биде фер и платите да бидат исти за сите, во сите институции“, нагласи Димитриеска-Кочоска.
Претседателот на Фискалниот совет, Глигор Бишев, рече дека имаме широко убедување дека држењето на фиксен данок и експанзивна фискална политика, ќе донесе економски раст.
„ Цената на тоа е перманентно зголемување на буџетскиот дефицит, без да иницира економски раст“, нагласи Бишев.
Контролата на фискалната дисциплина, посочи Бишев, бара конзистентност и да не се менува често, туку да се прават проекции на 3 до 5 години.
На почетокот беше презентирана студијата „Фискална дисциплина и ефикасност на фискалните правила во Македонија: патот кон одржливост“ на Благица Петреска, извршна директорка Фајнанс тинк – Институт за економски истражувања и политики, која прави анализа на фискалната дисциплина во периодот од 2008- 2024 година. Студијата, како што нагласи, ги истражува и анализира принципите на фискалната политика и трошоците согласно новите правила за фискална дисциплина од 2022 година.
Анализата, нагласи Петреска, покажа дека просечниот годишен раст на јавниот долг е 7 проценти и надминува 60 проценти од БДП. Буџетскиот дефицит често го надминува поставеното правило од 3 отсто, и надминува особено со ребалансот, што покажува слабости во планирањето.
„ Фискалната политика во Македонија е експанзивна во речиси сите анализирани периоди. Расходите за пензии, плати и трансфери кон единиците на локалната самоуправа претставуваат голем дел од расходите. Трошоците во најголем дел се социјални, а во помал дел развојни. Ова ја прави структурата на буџетскиот дефицит доста ограничена“, изјави Петреска.