четврток, 30 јануари 2025

Филков: Заштитата на личните податоци не е само правен, туку и етички императив кој ги штити граѓаните од злоупотреба

Правото на приватност и заштита на личните податоци се фундаментални права на секој поединец, кои мора да бидат заштитени и почитувани во сите сфери на животот, вклучувајќи го и правосудниот систем, констатирано е на настанот насловен „Правна рамка на ЕУ за заштита на личните податоци и правото на приватност во правосудството” организиран од Центарот за правни истражувања, Академијата за судии и јавни обвинители и Македонското здружение на млади правници.

Објавено на

часот

Сподели

Одбележувајќи го Европскиот ден за заштита на лични податоци, министерот за правда Игор Филков во своето обраќање на настанот, како што соопшти Министерството за правда, посочил дека правосудниот систем е еден од најчувствителните области кога станува збор за обработка на лични податоци.

„Во процесот на водење на судски постапки и истраги, често се обработуваат чувствителни податоци кои можат да имаат сериозни импликации за правата и слободите на поединците. Затоа е важно да се осигураме дека секоја обработка на такви податоци ќе биде вршена со највисоко ниво на заштита и почитување на приватноста. Личните податоци се основна компонента на правото на приватност, кое е гарантирано со Уставот и меѓународните документи. Заштитата на овие податоци не е само правен, туку и етички императив кој ги штити граѓаните од злоупотреба. Задача на државата е да обезбеди правна сигурност за сите граѓани преку создавање на стабилна правна рамка која гарантира заштита на приватноста и интегритетот на личните податоци во сите сфери на животот“, истакнал министерот Филков.

Од Министерството за правда посочуваат дека Република Македонија активно работи на усогласување на своето законодавство со европските правила за заштита на личните податоци, со цел да се обезбеди висока заштита на приватноста на граѓаните.

„За успешна заштита на личните податоци потребна е тесна соработка меѓу сите заинтересирани страни, како и размена на знаење и обуката за заштита на лични податоци ќе помогне во градењето на капацитети и размена на искуства кои ќе придонесат за понатамошно усогласување на законодавството со европските стандарди“, се наведува во соопштението.

Настанот беше организиран како дел од ЕУ-проектот „Ефикасна правда за заштита на основните слободи и правото на приватност во онлајн просторот”. 

Во контекст на одбележувањето на Европскиот ден за заштита на личните податоци – 28 јануари, беше спроведена и  уметничка акција поставена на улица „Македонија“ во Скопје, наречена „Урбани уметнички акции – урбана герила“, организирана од Центарот за современи уметности.

„Оваа уметничка акција е посветена на борбата за заштита на личните податоци бидејќи секојдневно сѐ повеќе наши граѓани се жртви на злоупотреба на нивните лични податоци. Во полесните случаи, ефектите од злоупотребени, односно кражбата на личните податоци, се сведуваат на пренатрупаност преку е-маил, вибер, СМС и слични пораки на електронските уреди, но, во посериозните случаи, граѓаните, за жал, остануваат со празни банкарски сметки, исплаќаат разни претплати за што никогаш не се согласиле, а во екстремни случаи поради злоупотреба на нивните податоци, враќаат брзи кредити“, се потенцира во денешното соопштение на Центарот за современи уметности.

Идејата на акцијата „Не ги п(р)остирајте вашите лични податоци – покриен газ никој не го плука“, како што се појаснува во соопштението, е преку визуелно допадлив уметнички јазик изразен во едноставна, но, ефикасна урбана акција претставена преку гигантски гаќи и спружени алишта со испечатени лични документи, „да обрнеме внимание особено на повозрасните генерации сериозно да ги сфатат заканите и проблемите што произлегуваат од недоволната и несоодветната заштита на личните податоци“.

Акцијата e поставена на улица „Македонија“ во близина на Спомен куќата на Мајка Тереза.

„Урбаната акција е дело на групата Урбани уметнички акции – Урбана герила на Центарот за современи уметности. Акцијата е дел од проектот „Лажни вести – предупредувајќи ги сограѓаните“ поддржан од Програмата за дигитален активизам на ‘ТекСоуп глобал’ (TechSoup Global) “, се појаснува во соопштението.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ