понеделник, 9 декември 2024

Фиат по цена на ферари: единствениот преживеан од само два направени (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Специјален фиат 500 со отсечен покрив и без врати е продаден на аукција на Сотби во Париз за огромна сума – 370.000 евра! Целосното име на моделот е фиат 500 спјаџина кароцерија Боано. Произведени се само две вакви возила, а ова е единственото преживеано.

Објавено на

часот

Сподели

Спјаџина кароцерија Боано во 1958 година го почнал трендот на автомобили за плажа, па историската улога на овој модел е уште позначајна.

Шефот на Фиат, Џани Ањели, му ја дал идејата за преработка на Марио Боано, а овој примерок Ањели лично го користел за време на одморите на француската ривиера.

Вториот примерок му бил подарен на грчкиот милијардер Аристотел Оназис. Меѓутоа тој автомобил повеќе не постои, бидејќи во судир бил целосно оштетен.

Фиат 500 спјаџина кароцерија Боано ги красел страниците на магазините низ светот во шеесеттите години од минатиот век, а Ањели го користел само во посебни прилики, главно за превоз на познати патници до вилата Леополде во Франција. Меѓу нив биле Хенри Кисинџер, семејството Кенеди, семејството Оназис и членови на семејството Ањели.

Основата на моделот фиат нуова 500 била целосно модифицирана, не само естетски, туку за да се создаде повеќе простор. Екстериерот е обоен во две бои.

Автомобилот за плажа го има моторот на моделот фиат нуова 500. Двоцилиндерскиот мотор од 479 кубни сантиметри е поставен одзади и дава 15 коњски сили при 4.000 вртежи во минута. Моторот е поврзан со рачен 4-брзински менувач, а погонот е на задните тркала.

Автомобилот, кој е во одлична состојба, во 1973 година го добил возачот на Ањели, Бернадино Ајаса, а пред неколку години повторно го открил колекционер од Торино.

Ваков автомобил денес повеќе не би можел да се регистрира и вози, поради безбедносните правила и прописи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ